07/10/2024
Македонија

Продолженото породилно отсуство трае се до завршувањето на времените мерки

Министерството за труд и социјална политика информира дека на работничките кои се на продолжено породилно отсуство, платеното отсуство им трае се додека траат времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19.

За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работни односи за време на вонредна состојба („Службен весник на РСМ“ БР.90/20), со која отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19.

Одлуката за времетраење и завршување на времените мерки ја носи Владата на Република Северна Македонија, по препорака на Комисијата за заразни болести.

Надоместокот за породилното отсуство се регулира преку Фондот за здравствено осигурување.