20/04/2024
Охрид

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ вечерва на Охридско лето

На програмата на Охридско лето, а во рамките на музичкиот дел, вечерва концерт ќе одржи Професионалниот мешан хор „Про Арс“ под диригенската палка на Сашо Татарчевски. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Св.Софија.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски по повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток на еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Р. Северна Македонија.

Предностите на хорот станаа видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Во своето деветгодишно делување, хорот веќе оствари самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Денови на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерт на „Охридско лето“, соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 г. хорот е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Филхармонијата на Република Северна Македонија, настапувајќи не само со маестро Татарчевски, туку и со диригенти како Густав Кун, Емил Табаков и др. „Про Арс“ во последните шест години реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми, солистички албуми, како и филмска музика за високо буџетни интернационални филмски остварувања во студиото ФАМЕС.

Од 2017 година хорот ја започна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена. Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образувани хорски уметници, комплетно подготвени за ефективна и професионална работа.

Сашо Татарчевски е роден во Битола каде го почнува своето музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје на катедрите за хорско и оркестарско-оперско диригирање. Посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Берлин, Москва, Фиренца, Сартеано и Санкт Петербург.

Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, оркестарот на МОБ, симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, државниот симфониски оркестар на Русија, симфонискиот оркестар на Ермитаж, камерниот оркестар на Битола, симфонискиот оркестар на ФМУ, “Солисти на ФМУ“, Битолската опера, ансамблите за современа музика “Алеа“ и “КонТемпора“, хоровите “Магнолија“ од Словачка, „Кантемус“ од Унгарија, “Кантабиле“ и “Иполотов-Иванов“ од Русија, вокалниот ансамбл на “Танец“ и други камерни и симфониски состави.

Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на Македонска музика, Битфест, Есенски музички свечености и многу други,  има настапувано со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Словачка, Русија, Франција, Турција, Полска, Романија и Австрија. Има освоено голем број награди на меѓународни хорски натпревари како и специјални награди за диригирање во Чешка, Полска и Бугарија.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ и мешаниот хор “Драган Шуплевски“. Татарчевски е исто така основач и уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ.