28/03/2024
Охрид

Професорот Виктор Фридман добитник на Светската награда за хуманизам за 2023

Добитник на Светската награда за хуманизам за 2023 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент Охрридски на сите светски меридијани, е Виктор Фридман, лингвист од светско реноме, славист и македонист, професор на Универзитетот од Чикаго, САД.

Професорот Фридман е седумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците: Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира и Романо Проди.

На тој начин, Охрид и Охридската академија на хуманизмот, ги будат и ги воспеваат изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Фридман истакна: „Би сакал да Ви се заблагодарам што ми ја испративте одлуката на Меѓународното жири на Охридската академија на Хуманизам”.

-Чест и задоволство ми е да ја прифатам номинацијата за оваа престижна награда и да се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот, пишува натаму Фридман.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 9 август, 2023 годнина, на празникот „Летен Св. Климент“, бидејќи во исто време на тој ден ќе биде свечено откриено Спомен-обележјето на плоштадот Долна порта во Охрид, чии што уметнички неимари се бугарскиот сликар Светлин Русев и македонскиот скулптор Жарко Башески.

Со тоа спомен обележје, на кое ќе бидат запишани сите досегашни добитници на Светската награда за хуманизам, ќе се изврши и прогласување на древниот Охрид и неговата милениумска историја во европската меморија за Центар на светскиот хуманизам.

Наградата на добитникот Фридман ќе му ја врачи Градоначалникот Кирил Пецаков, а потоа по беседата на Амбасадорот Плевнеш за исклучителното научно и хуманистичко дело на Фридман, лауреатот ќе ја изговори својата свечена беседа на благодарност.

На свеченоста на која ќе бидат поканети сите досегашни добитници, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО, свои пригодни обраќања ќе имаат Романо Проди, поранешен Претседател на Европската комисија и добитник на оваа награда, Жан-Патрик Конрад, од Империјал колеџот од Лондон, Претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, и германската нобеловка Херта Милер.

На свеченоста се очекува да присуствува и Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, како и претседатели на интернационални културни и образовни фондации од Европа и светот.

Советниците на Општина Охрид предложија тој интернационален чин на прогласувањето на Охрид за Центар на свесткиот хуманизам да биде обележан и со „Патека на хуманизмот“ која ќе води од Долна порта до Св. Софија и на која ќе бидат поставени имињата на добитниците на Светката награда за хуманизам.

Во Куќата на УРАНИЈА на МАНУ ќе можат да бидат видени делата на лауреатите од сите меридијани и на тој начин достоинствено ќе биде одбрането престижното место на Охрид во светската цивилизација.


WebOhrid / 06.12.2022 / Веле Митаноски