29/03/2024
Македонија

Променети износите на акцизите, поевтинуваат горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на 22.01.2021 година, одржа седница на која донесе одлука за изменување на Одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, со што се изврши усогласување со Законот за акцизи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/19, 143/19, 225/19 и 277/19), а имајќи во предвид дека Уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.105/20,125/20 и 169/20), престанува да важи.

Со денешната одлука за изменување на Одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се направи измена на Одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 18.01.2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.11/21), со што износите на одделни елементи кои влегуваат во структурата при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се променети согласно важечките износи на акцизите, утврдени во Законот за акцизи.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 денари/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката од 18.01.2021 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 61,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 63,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 52,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалува за 13,00 денар/литар, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката од 18.01.2021 година и со тоа малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 41,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, не се променува и истата останува на исто ниво, како што била утврдена со одлуката од 18.01.2021 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 30,823 ден/кг.