29/03/2024
Охрид

Промоција на „Информативна брошура за постапката за остварување на заштита на правата на потрошувачите според новиот Закон за потрошувачи во Македонија“

Денес (20.12.2022) во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се одржа Промоција на „Информативна брошура за постапката за остварување на заштита на правата на потрошувачите според новиот Закон за потрошувачи во Македонија“.

Промоцијата се одржа пред студентите на ФТУ-Охрид, а учесниците ги поздравија: Деканката на ФТУ-Охрид, Проф.д-р Снежана Дичевска, која ја нагласи големата важност на познавањата на потрошувачките права од сите субјекти, и го искажа задоволството од организацијата на ваков настан токму на оваа важна високообразовна установа во Охрид, а се заложи и за продлабочување на соработката заедно со Организацијата на потрошувачите на Општина Охрид.

Содржината на Брошурата беше претставена од страна на Проф.д-р Ристо Речкоски, од ФТУ-Охрид, како и од Г-динот Вангел Спироски, Претседател на Организацијата на потрошувачите на Општина Охрид.

При презентацијата на Брошурата, Проф.д-р Ристо Речкоски истакна дека „македонската регулатива со носењето на новиот Закон за зашитита на потрошувачите, кој е донесен на 7.11.2022 г. добива најсовремена и европски апроксимирана регулатива од областа на потрошувачкото право, која во себе ги инкорпорира најрелевантните 14 Директиви на ЕУ од оваа област со што се овозможува правилна примена на европското потрошувачко право, а воедно и појасно дефинирани обврски кои треба да ги исполнат трговците и правните лица кон потрошувачите. Новиот Закон за зашитита на потрошувачите треба да овозможи: Подобро остварување и заштита на правата за потрошувачите; Поголема независност и репрезентативност на здруженијата за заштита на потрошувачите; Подобро информирање и едуцирање на потрошувачите; Подобрување на механизмите за брзо решавање на потрошувачките приговори; Подобрени услови за имплементација на политиките за безбедност на производите; Зголемена улога на локалната самоуправа во политиката за заштита на потрошувачите; како и дигитализација на процесите, со цел поефикасно и поефективно давање на е-услуги на корисниците“.

Вангел Спироски од ОПМ Охрид, ги истакна придобивките на потрошувачкото право и нивната универзалност на глобално ниво.

На крајот преку практични примери презентерите заедно со вклучување на студентите преку примери анализираа различни ситуации во кои се кршат потрошувачките права, а се дадоа и насоки како да се постапува во таквите случаи. Особен интерес студените покажаа во однос на купувањето на производи на далечина, преку е-трговија, како и преку социјалните мрежи, за што соговорниците споделуваа определени искуства, препораки како и насоки кога и како треба да се постапува при такви ситуации.

Од сите учесници, беше заклучено дека се работи за многу корисна промоција, со релевантни информации, како и дека Брошурата ќе биде многу значајна за широк круг на корисници со цел да се запознат со еден сегмент од нивните права, и начинот на нивна зашитита, која според Новиот Закон, се регулира на три нивоа и тоа преку:

1. Потрошувачки приговор пред трговците;

2. Покренување потрошувачки спор во парнична постапка и

3. Вонсудско решавање на потрошувачки спор.

Препорака е да се користат што е можно повеќе инструментите на вонсудско и алтернативно решавање на потрошувачките спорови, со цел што поефикасно, поекономично и поправедно да се завршуваат, на задоволство на двете страни во ваквите спорови и тоа: трговците и потрошувачите.


WebOhrid / 20.12.2022 / ОПМ Охрид