20/04/2024
Македонија

Промоција на романот „Граница“ на академик Луан Старова

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска напладне беше промовиран романот „Граница“ од академик Луан Старова. Романот „Граница“, кој е објавен од Издавачкиот центар „Три“ со поддршка на Министерството за култура, е шеснаесетта книга од неговата балканска сага…

„Се работи за значајна книжевна творба за балканските граници, за нивната вплетеност во судбината на луѓето и таа, со својата интимна текстура, сведочи за балканскиот трагизам“, соопшти Библиотеката во најавата за промоцијата. Најновиот роман на академик Старова го промовираше проф. д-р Елизабета Шелева.

Луан Старова (1941) е автор на 16 романи кои ја опфаќаат цикличната сага, која од авторот е именувана „Балканска сага“. Неговите романи се преведени на голем број јазици, а за своето книжевно дело е добитник на повеќе престижни домашни и светски награди.
 
Добитник е и на престижното француско признание Командант од редот на уметностите и книжевностите и на францускиот орден – Офицер на националниот ред на легија на честа. Пишува на македонски, на својот мајчин албански јазик и на француски јазик.