29/03/2024
Македонија

Промовирана книгата „Монодрама на Лудиот“ во Ресен

Во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, денес беше промовирана книгата „Монодрама на лудиот“, од младата авторка Сара Марковска. Во ресенскиот Сарај беа присутни голем број љубители на пишуваниот збор, а уште повеќе затоа што Сара Марковска е од Ресен.

„Имам 15 години и ова е второ мое дело. Ученичка сум во гимназијата „Цар Самуил“ во Ресен и многу сакам да пишувам.  Првата книга која што ја објавив во 2014 година се вика „Љубовта на мојата стара“, но за разлика од денес таа беше збирка поезија. По четири години повторно денес се промовира моја книга, што ме прави особено среќна. Не застанувам со пишувањето, тоа ми е омиленото хоби“, истакна Сара Марковска по одржаната промоција.

Директорот на Домот на културата Васко Василевски истакна дека оваа културна установа секогаш им помага на младите автори при нивното промовирање.

„На наше големо задоволство, повторно имаме творец од Ресен. Иако е млада, таа веќе е промовирана во Ресен, а ние како културна установа особено сакаме да им помогнеме на младите да го развиваат својот талент кон културните дејности. Нашите врати секогаш ќе бидат отворени за одржување на промоции, изложби, концерти, прекиу кои ќе се промовираат младите и нивните таленти“, посочи Василевски.

Промотор на книгата беше познатиот писател за деца Горјан Петревски, кој воедно беше промотор и на првата збирка поезија на Сара Марковска. Промоцијата на оваа книга беше поддржана и од локалната самоуправа на Општина Ресен и градоначалникот Живко Гошаревски.