18/04/2024
Охрид

Промовирана книгата „Трите Универзитети на проф. д-р Павле Митрески“

Во присуство на голем број почитувачи на делото на професор д-р Павле Митрески, денес во големата сала на Општина Охрид, беше промовирана монографијата “Трите Универзитети на проф. д-р Павле Митрески“, од авторката Кристина Алексиеска.

Пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој истакна дека животниот и творечки пат на професорот Митрески е показател дека со истрајна и посветена работа, се доаѓа до исклучителни резултати и посака и други млади истражувачи да го следат неговиот пример.

Промоторот, професор Славе Ѓорго Димоски истакна дека “…Суштинското обележје на овој труд е, во голема мерка, авторот да го расветли животниот пат на проф. д-р Павле Митрески, познат македонски историчар и истражувач кој со својот огромен истажувачки труд осветли бројни страници од македонската историја…“

„Јадрото на книгата го сочинува животната приказна на проф. д-р Павле Митрески, која авторот Алексиеска ќе ја подели на три крупни поглавја во кои стои именката универзитет: Прв, Втор и Трет универзитет. Низ овие три поглавја праволиниски ја прикажува животната приказна на Павле, која пред нас читателите, се одмотува како на филмска лента. Впечаток е дека пред нас е едно ретко комплетно биографско дело кое, всушност, претставува и прво посериозно претставување на биографијата на еден сериозен и високо квалификуван историчар во македонската историска научна мисла, а преку него и сите досегашни објавени (а и не објавени) научни трудови ќе добијат и актуелна реафирмација, а на авторката Кристина Алексиеска, која е на добар пат, и посакуваме се подлабоки заграби на творечко-истражувачки план, а ова дело ќе остане пример како да се напише биографијата на еден интелектуалец“. – истакна во своето обраќање Славе Ѓорго Димоски.