09/10/2024
Охрид

Промовирана книгата „Впечатоци за хуманоста“ од Љупчо Милкоски и Миле Трпеноски

На 24 јуни, денот кога, далечната 1859 г. се водеше ботката во Солферино, Италија и кога кај големиот хуманист Анри Динан се роди идејата за формирање на движењето на Црвениот крст, 162 години подоцна, во прекрасен амбиент на сината езерска шир на Охридското езеро, пред бројни волонтери, активисти, пријатели на Црвениот крст, беше промовирана книгата „Впечатоци за хуманоста“, од авторот Љупчо Милкоски и коавторот Миле Трпеноски, а во издание на Црвен крст Охрид.

Станува збор за книга со богата содржина исполнета со хуманизам и човечност што се одвивал и се одвива, овде, во Охрид и Македонија, со оставени и подарени искрени впечатоци и чувства на луѓе од сите страни и простори на светот, кои со текст или слика искажале благодарност за односот кон нив, висока почит за делата на Црвениот крст Охрид, како и восхит од природните убавини, реткости, културно-историското наследство и вредностите на Охрид, Охридското езеро и овој регион во целина. Книгата, „Впечатоци за хуманоста”, преку Црвен крст Охрид ги претставува жителите на Охрид и Македонија кои во најсветлата хумана нишка успешно се справувале со предизвиците: однос кон жртви, раселени лица, бегалци, гладни и сиромашни, бездомници, изнемоштени и лица со посебни потреби, од различна боја, раса, нација, вера.

Оваа книга претставува сведоштво за хуманите дела на Црвен крст Охрид на генерации хуманисти кои оставиле неизбришливи траги како поттик за сегашните и идните генерации во стремежот да се одговори на предизвиците на новото време, со негување и чување на принципите и вредностите на движењето на Црвениот крст.

Дел од присутните ги напишаа своите впечатоци за хуманоста во новата книга на впечатоци која од овој ден е отворена во Црвен крст Охрид.