20/04/2024
Македонија

Промовирана поштенска марка „30 години независност“

„Навистина е привилегија и чест да се биде дел од промоцијата на оваа поштенска марка. Пошта, почетокот на независноста го одбележа со пригодна поштенска марка, од која симболично ечеа зурли и тапани. Денес, ја промовираме поштенската марка, издадена во 6000 примероци, со номинална вредност од 72 денари. Од самиот почеток, Пошта била, но ние сме длабоко уверени дека и понатаму ќе биде главен чинител во поштенскиот сообраќај во Државата,“ – рече во своето обраќање генералниот директор Јани Макрадули, промовираќи ја поштенската марка „30 години независност“.

Решително влеговме во промени, стануваме отворени и конкурентни, а во исто време, ги користиме и новите можности кои ни ги нуди развојот на технологијата. Бележиме и позитивни придвижувања, како што е зголемувањето на приходите од поштенските услуги, во првото шестмесечје.

Промоцијата на поштенската марка се одвиваше во опожарената шалтер сала за која генералниот директор Макрадули истакна: „уште од самиот почеток немав дилеми дека овој простор треба да биде јавен простор, вклопен во концептот – „Да ја вратиме Поштата на граѓаните.“

На промоцијата свое обраќање имаше претседателот на Владата, Зоран Заев, кој се заблагодари на Пошта за промоција на пригодната марка, и истакна дека таа е доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна држава.

Верувам, продолжи премиерот Заев дека оваа поштенска марка, која го отсликува нашиот голем тридецениски јубилеј ќе најде соодветно место во колекциите на филателистите.

За улогата и за значењето на Пошта на промоцијата говореше и Исмет Рамадани, поранешен пратеник, кој меѓудругото укажа на важноста на Пошта како институција за Државата, потенцирајќи дека таа е огледало на целокупното општество. Од тие причини, верувам дека Пошта и вработените во неа ќе продолжат да ја развиваат оваа институција со поддршка на Државата.

Промоцијата на поштенската марка „30 години независност“ е дел од активностите на Владата за прослава на овој значаен настан за нашата држава.