29/03/2024
Македонија

Промовирани 26 потпоручници во АРМ и новата класа питомци на Воената академија

Со свеченост на Воената академија денеска беа промовирани 26 потпоручници во АРМ, а заклетва дадоа нови 25 питомци кои го започнуваат своето воено образование. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање им честиташе на промовираните потпоручници и новопримените питомци, им порача дека тоа се идните армиски лидери и дека тие влегуваат во институција која со право ужива највисока доверба помеѓу граѓаните на Република Македонија.

„Вие сте идните армиски лидери кои ќе ја подигнат Армијата на Република Македонија на уште повисоко ниво и кои ќе успеат да го држат чекорот со современите текови и стандарди во одбранбената политика“, рече министерката Шекеринска. Изрази задоволство што во секоја класа питомци има сè поголем број на припаднички на женскиот пол, што, како што рече, покажува дека Македонија и армијата се менуваат на подобро, создавајќи шанси и отворајќи врати на сите, дури и во професии кои долги години се сметале за машки.

Министерката истакна дека Македонија ги прави последните чекори од 27-годишниот маратон кон НАТО, и додаде дека оваа континуирана посветеност и определба за која работеа илјадници припадници на АРМ заслужува да биде крунисана и Македонија да стане 30. членка на НАТО.

„Вчера се вратив од Брисел каде што исто така присуствува на еден нов почеток… Имав и чест и задоволство да ја претставувам Република Македонија во отворањето на една нова фаза во нашите односи со НАТО – почеток на пристапните разговори … Членството во НАТО ќе значи шанса за Македонија да гради безбедна, сигурна и економски просперитетна иднина. Но, за овие нови офицери за овие нови питомци, членството во НАТО ќе значи шанса да работат да напредуваат да се дообразуваат како дел од најмоќната воено политичка алијанса во светот. И затоа како што им должиме на нашите претци, така должиме и на овие млади генерации, да направиме сè, да ја постигнеме оваа стратешка цел на нашата татковина“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека придобивките од членството на Македонија во НАТО први ќе ги почувствуваат припадниците на АРМ. „Нашата стратешка цел нè водеше оваа година да зголемиме буџетот за 15 посто, да ги зголемиме платите на сите припадници на АРМ за 10 посто, да обезбедиме исплата, редовна и законска на сите права од колективните договори, на јубилејните награди и на дневниците за дежурства. Таа обврска нè водеше во нашата цел оваа година да обезбедиме чизми и униформи за секој припадник на АРМ, но и да обезбедиме услови за вистинска модернизација на нашата Армија“, рече Шекеринска.

На Воената академија денеска во потпоручници беа промовирани и 2 питомци од Црна Гора, како и 1 питомец од Косово, а свечена заклетва дадоа 4 нови питомци од Босна и Херцеговина, 3 од Црна Гора и 1 од Косово.

„Црна Гора која е веќе членка на НАТО, Босна и Херцеговина, Косово повторно ги праќаат своите питомци и ни ги доверија на школување формирајќи го впечатокот за нашата Воена академија како респектабилна образовна институција која создава офицери според навистина високи стандарди“, рече министерката.

Говорејќи за идните чекори во развојот на Воената академија, министерката истакна дека со помош на НАТО- тимот за подобрување на процесот на военото образование, со забрзана динамика се работи на целосна модернизација на програмата и плановите за подготовка.

„Согласно новите предизвици на модерното општество во областа на сајбер безбедноста и одбраната, во Воената академија оваа академска година ги започнавме постдипломските студии на програмата „Сајбер безбедност и дигитална форензика“. Во моментов на овие магистерски студии се школуваат 30 студенти, а во рамки на Академијата размислуваме како повеќе акцент да ставиме на овие модерни предизвици, модерни ризици и нови начини како со нив да се справиме“, заклучи министерката.

Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, рече дека давањето на свечена заклетва е најсветото нешто што секој офицер мора да го чува и да се држи до него.

„Вие штотуку дадовте збор дека дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувате сите обврски и задачи. Се заколнавте дека ќе ја браните слободата, територијата и сувереноста на нашата татковина – Република Македонија. Тоа е нешто што мора да го запаметите и да го имате пред себе секој ден, за време на вашето школување во Воената академија“, рече полковникот Поповски.

Министерката Шекеринска, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и генералот Котески, како претставник од кабинетот на Претседателот, им дадоа подароци на тројцата прворангирани питомци од 18. класа на Академијата, Бојан Миклош, Дамјан Јаневски и Неда Волчева.

https://www.youtube.com/watch?v=1wjSvXZ6D_8