29/03/2024
Македонија

Промовирани резултатите од истражувањето „Состојбите и предизвиците за спроведување на онлајн настава во основните училишта“

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис го објави извештајот од истражувањето „Состојбите и предизвиците за спроведување на онлајн настава во основните училишта“. Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Отворени образовни ресурси“, спроведуван од Метаморфозис, а со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Целта на ова истражување е да се утврдат состојбите и предизвиците на онлајн наставата во основните училишта во Република Северна Македнија во периодот март – јуни 2020 година. Прибирањето на податоците за истражувањето се одвиваше во две фази: анонимна онлајн анкета, спроведена во периодот од 26 јуни до 15 јули 2020 година, наменета за наставниот кадар, менаџментот и стручните служби од основните училишта во Република Северна Македoнија, и три одделни фокус-групи, во периодот 26-27 август 2020 година, со наставниот кадар, менаџментот и со родителите на учениците од основното образование.

Дел од клучните наоди презентирани во Извештајот се: 

  • Речиси половина од учесниците (44,5%) пријавија дека во училиштето, за службени потреби, користат сопствен лаптоп. 84,9% од наставниот кадар за службена комуникација користи приватни имејл адреси. Ова е проблематично од повеќе аспекти, особено од аспект на заштитата на личните податоци на учениците, кои во текот на основното образование се малолетни лица 
  • Скоро една третина од наставниот кадар (31,6%) изјави дека интернет на училиште има само на својот мобилен телефон. За жал, има и локации каде што училиштата не нудат никаков интернет-пристап 
  • Во голем број семејства со повеќе деца на училишна возраст, проблем претставувало и „споделувањето“ на техничките помагала (лаптоп, компјутер), односно ситуацијата најчесто налагала само еден од учениците да биде во можност да следи настава во живо 
  • Речиси сите учесници во истражувањето (88,9%) се согласни во врска со тоа дека за успешно спроведување на ефикасна онлајн настава треба да се променат вообичаените методи во наставниот процес 
  • Значителен број (30 %) сметаат дека подобра варијанта од „една платформа за сите“ би било кога училиштата би имале одредена слобода при изборот на платформите и софтверите преку кои ќе се спроведува онлајн наставата за нивните ученици. 
  • Со ставот „Во наставата има задоволителна застапеност на материјали на сите јазици на кои се спроведува наставата“ се согласуваат 45 % од испитаниците, додека 70 % од наставниците кои ја спроведуваат наставата на друг јазик (различен од македонскиот), не се согласуваат со овој став 
  • Во однос на учебниците и другите образовни ресурси, речиси сите учесници (93,9 %) се согласуваат со ставот дека за успешна онлајн настава е потребно целосно или делумно адаптирање на учебниците 

Извештајот во целост може да се погледне на следниот линк https://metamorphosis.org.mk/wp-content/uploads/2020/09/oor_istrazuvanje_2020.pdf