29/03/2024
Македонија

Проштална средба со шефот на канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Горазд Бартол

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари проштална средба со морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислења за текот на реформските процеси кои Република Македонија ги спроведува во одбраната и безбедноста, а кои се целосно во согласност со НАТО препораките и стандардите.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната непосредна соработка, како и подготвеност за натамошна потесна соработка и поддршка ‎од канцеларијата за врски на НАТО, во доменот на одбраната и безбедноста.‎

Македонскиот претседателот на средбата порача дека членството во НАТО и Европската унија остануваат стратешки цели на Република Македонија кои се од пошироко значење за мирот, стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Претседателот Иванов на морнаричкиот капетан Бартол му заблагодари за ангажманот во Република Македонија и му посака успех во натамошната кариера.