Прва меѓународна научна конференција „Обезбедување на ВИП личности“ во Охрид

„Ми претставува големо задоволство во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија да ви посакам добредојде во Охрид и во Република Македонија и да ви се заблагодарам за посветеноста на службата во која што работите, затоа што благодарение на вашата професионалност ние политичарите можеме да го правиме она што треба да го правиме без постојан страв од непредвидена ситуација“, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на отварањето на Првата меѓународна научна конференција „Обезбедување на личности (ВИП и ВВИП) и објекти: Студија на случај, проценка на ризик и методи и тактики на обезбедување на личности и објекти“, што од денеска до четврток се одржува во Охрид.

„Она што мора да го направиме е всушност, да се фокусираме кон натамошна изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт на безбедност на институционално ниво, способен првенствено валидно да евидентира, анализира и проценува закани, но и на воспоставување на мулти-институционален систем за соодветен одговор кон истите. Притоа, мора да ги почитуваме сопствените карактеристики и национални приоритети, но и нужноста за стандардизирање на сите сегменти од безбедносната сфера согласно оние на нашите евро-атлантски партнери. Обезбедувањето е ризична професија, која бара максимален ангажман, посветеност и концентрација и тоа важи буквално за секоја степеница од скалата на искачување на лицата кои работат во оваа област.  Во оваа наша работа – борбата против криминалот, тероризмот, фанатизмот, се соочуваме и со најгрозоморните, непоимливите начини на дејствување на човекот. Но не смее да попуштиме. Заканите кон безбедноста се менуваат секојдневно, а тоа само по себе бара инвентивност во смисла на изнаоѓање на нови методи и техники, но и задржување присебност во моменти кога се чини дека е тоа невозможно“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека Министерството за внатрешни работи во овие скоро година дена по формирањето на новата влада започна сериозна реформа во службата за обезбедување на личности и објекти и ги прави сите напори за да може да одговори на секој предизвик.

„Бројните самити кои што се одржаа последниве неколку месеци и признанијата кои што ги добивме од учесниците говорат дека имаме капацитет“, рече Спасовски.