Прва метеоролошка куќарка во Дебрца
Во општина Дебрца за првпат ќе биде поставена метеоролошка куќарка во рамките на програмата GLOBE Macedonia. Овој значаен чекор претставува нова страница во развојот на еколошката едукација и научно-истражувачката работа во регионот. За почеток, активностите ќе се реализираат преку протоколот за атмосфера.
ГЛОБЕ координатор за ООУ Дебрца е Гоце Кузески, а ГЛОБЕ професори се Игор Голабоски и Номче Танески.
Во рамките на проектот ќе се вршат мерења на:
-минимална и максимална температура
-влажност на воздухот
-атмосферски притисок
-количество на врнежи (дожд)
-видови облаци
-температура на почва
Од ООУ „Дебрца“ упатуваат посебна благодарност до GLOBE Macedonia, како и до NASA и United States Department of State за нивната поддршка и визија во унапредувањето на образованието и науката. Голема благодарност и до градоначалникот Златко Силјаноски, чија поддршка беше клучна за реализација на овој проект.
Придобивките од оваа метеоролошка куќарка се повеќекратни. За учениците и наставниот кадар во ООУ Дебрца, таа ќе претставува современа алатка за практично учење, развивање на научниот дух и активно учество во глобални истражувања. Истовремено, општина Дебрца добива вреден ресурс за следење на локалните климатски услови, што може да биде од корист за земјоделството, заштитата на животната средина и планирањето на идни активности.
Особено значајно е што оваа метеоролошка куќарка е прва од ваков вид во охридско-струшкиот регион, што ја позиционира Дебрца како пионер во примената на современи образовни и научни практики во областа на екологијата и метеорологијата.

