23/04/2024
Охрид

Првачињата во ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец дочекани со свечена приредба

Со свечена приредба и поздравен говор од директорот на училиштето Сашо Климоски и градоначалникот Кирил Пецаков на 1-ви Септември беа дочекани првачињата во централното училиште ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец.

Во својот говор директорот Сашо Климоски истакна дека училиштето е втор дом на сите ученици, дека наставниците и вработените во училиштето се тука за да им го олеснат патот за стекнување знаења, а со тоа да станат успешни личности.

– Ви посакувам среќен почеток, да бидете здрави, весели, насмеани и да постигнувате успеси во учењето. Овој ден за вас е голема возбуда и ново животно искуство, а за вашите родители неизмерна радост и гордост. Трудете се да ги исполнувате обврските кон училиштето, а ние сме тука да ви ги обезбедиме сите услови за да бидете безбедни и среќни, истакна директорот.

Градоначалникот во своето обраќање пред присутните рече: „Училиштето ќе биде вашиот втор дом, место каде ќе ви биде убаво и каде што ќе се чувствувате сигурно, бидејќи вашите учители ќе се грижат за вас исто како што тоа го прават и вашите родители. Тука ќе ги стекнете вашите први пријатели и ќе ги запознаете вашите први симпатии. Од денес па натаму, секој ден ќе ви биде поубав и поинтересен од претходниот и секој нов ден ќе откривате нови тајни и ќе станувате побогати со знаења. Вашиот училишен успех ќе ви овозможи да остварите високи цели со кои ќе бидете гордост на сите нас.“

Пригодна програма беше организирана и во подрачните училишта во Косел, Куратица и Ливоишта. ООУ „Ванчо Николески“ наставната година ја започнува подготвено и спремно за успешна учебна година, како и со мотивација за нижење успеси.


WebOhrid / 02.09.2022 / ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец