Пуштено во употреба училиштето во Оровник

Свечено пуштено во употреба Основното училиште во Оровник. Реконструкцијата се одвиваше во две фази. Со пуштењето во употреба на училишната зграда од новата учебна 2016/2017 година ќе се овозможи учениците од прво до петто одделение, наставата да ја следат во попријатни услови и дека со замената на надворешната столарија, замената на кровниот покривач, поставувањето на топлинската изолација и со замената на светилките ќе биде заштедена електричната енергија, а со тоа ќе се намалат трошоците за греење.

„Инвестициите во образованието, се инвестиции во иднината. Со секоја тула ставена во ѕидот на училиштето, всушност ја градиме нашата иднина, иднина за подобро утре, иднина која ни ветува развој и благосостојба. Секој вграден прозорец е прозорец кон иднината, кон нашите стремежи за откривање на нови работи и вештини“, рече градоначалникот Трајкоски, напоменувајќи дека и во иднина ќе продолжи кон реализација на проектите во областа на образованието.

Училишната зграда се простира на површина од околу 350 квадратни метри со 3 училници, кои ги задоволуваат сите стандарди и нормативи за реализирање на воспитно-образовниот процес. Објектот располага и со простории за административно-технички персонал и други помошни простории.

Проектот преставува дел од низата проекти кои ги спроведува Општина Дебрца во делот на образованието за подобрување на воспитно образовните установи и создавање услови за непречено одржување на наставата на учениците и вработените.

Реконструкцијата на училишната зграда е проект на Општина Дебрца во соработка со Југозападниот плански регион кој го спроведуваа проектот за енергетски ефикасни објекти во Југозападниот Плански Регион, за кој проект се одобрени средства од Бирото за регионален развој. Вкупната инвестициона вредност на двете фази од реконструкција изнесува околу 3.000.000 денари.