28/03/2024
Македонија

Работен состанок на највисокото раководство на МВР со началниците на секторите за внатрешни работи

Со оглед на специфичните услови во кои работеше Министерството за внатрешни работи во првите шест месеци од годината, односно во услови на пандемија и во период во кој требаше да се организираат предвремените парламентарни избори, задоволен сум од постигнатите резултати во работењето на полицијата, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски на денешниот работен состанок на негова иницијатива што се одржа во Охрид заедно со началниците на сектори за внатрешни работи на тема „Безбедносната состојба на ниво на секторите и насоки за подобрување на ефикасноста и ефективноста во работењето“, на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи Агим Нухиу,заменик директорот на БЈБ Бесир Деари и помошниците на директорот на униформирана полиција и крим полиција.

Според директорот Тасевски, состојбата со Ковид-19 предизвика низа промени во финкционирањето на МВР, а исто така и значителни ресурси беа потрошени за успешно организирање на парламентарните избори. Но, и покрај тоа целокупните резултати при справувањето со класичниот и организираниот криминал е на речиси исто ниво со првите шест месеци од 2019 година. Во одредени области бележиме пад, а во некои пак има зголемен број на регистрирани случаи. Сепак, заедничкко за сите области е намалување на откривачката дејност за што причина е состојбата со пандемијата, истакна директорот на БЈБ, Тасевски. Министерот за внатрешни работи, д-р Агим Нухиу, исто така, ги потенцираше неповолните , односно отежнати услови во работењето на министерството.

Како што рече министерот Нухиу, и покрај ваквите услови можеме да изразиме задоволство од работењето на полицијата. Не се регистрирани поголеми инциденти од областа на безбедноста, а поволна е и состојбата со јавниот ред и мир. За ваквата слика сите ние сме подеднакво заслужни и треба да продолжиме уште поангажирано да го одржиме високото ниво на безбедноста во државата, истакна Нухиу во обраќањето на работниот состанок. На состанокот , од началниците на Секторите за внатрешни работи исто така беа потенцирани отежнатите услови за работа во изминатиот период, но и задоволство од постигнатите резултати.

Присутните на работната средба заклучија дека и покрај позитивните резултати треба да се продолжи посветено и поангажирано со цел подобрување и на овие резултати и зацврстување на довербата кај граѓаните.