19/04/2024
Македонија

Работна посета на Министерот на МНР Димитров на Француската Република

Денеска министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, во рамките на својата прва работна посета на Француската Република, оствари средба со својот француски домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.

На средбата, Министрите изразија задоволство од заемните заложби за внесување нова динамика во политичкиот дијалог, кој е во функција на збогатување на севкупната билатералната соработка меѓу Република Македонија и Француската Република.

Во разговорот, министерот Димитров го истакна значењето што Република Македонија им го придава на односите со Франција, како на билатерален план, така и во контекст на европската и евроатлантската иднина на Република Макдонија. Тој му потврди на својот француски колега дека Република Македонија настојува, преку своето проевропско надворешнополитичко делување, да ѝ биде сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница. Исто така, МНР Димитров го запозна својот француски колега и со преземените реформски активности на Владата во светло на европските и евроатлантските интеграции, но и пошироко, во контекст на улогата на Република Македонија, како катaлизатор на регионалната соработка и стабилност.

Министерот Димитров се сретна и со Филип Етиен, дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон, каде аргументираше зошто Република Македонија е можноста за заеднички успех на Балканот годинава.

Посетата на Министерот започна со обраќање во реномираниот Институт за меѓународни односи – ИФРИ, каде што на темата „Постигнувањата на Владата на Република Македонија во насока на остварување на заложбите за интеграција во европските и евро-атлантските структури“ беа разменети мислења со француски експерти од областа на европските прашања, Балканот и меѓународната политика.

МНР Димитров изјави:

„Балканот е регион кој географски припаѓа на Европа и кој економски е во истиот брод. Балканската мигрантска рута покажа колку е важен овој регион за Европската безбедност и колку е потребно предизвиците на регионот да ги решаваме заедно“.

„Враќањето на геополитиката во нашиот регион, на некој начин, е резултат меѓу другото и на недостатокот на ангажираност од страна на ЕУ во изминатите неколку години. Се надеваме дека идните чекори, меѓу кои и извештајот на Европската Комисија што го очекуваме на 17 април- ќе поттикне зголемена вклученост.“

„Потребно ни е повеќе од Франција на Балканот. Би било добро да се зголеми присуството на Француските компании, но и на политичкото внимание. Свесен сум дека новото лице на Франција е фокусирано кон иднината на Европа, кон нејзината консолидација, кон обезбедување на обединет пристап за решавање на важните прашања. Се осмелувам да препорачам дека таа важна визија треба да опфати и таквиот активен европски ангажман на Балканот“.

За време на посетата, министерот Димитров ќе оствари средби и во Националното Собрание на Франција и Сенатот.