28/03/2024
Струга

Работна посета на министерот Спасовски на ОВР Струга и локалната самоуправа

Безбедносната состојба во Струга е стабилна и се бележи намалување на криминалитетот. Ова беше заклучено на денешната средба во Струга на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружуван од заменик министерот Назим Буши, со раководството на Одделението за внатрешни работи – Струга при Секторот за внатрешни работи – Охрид.

На средбата беше потенцирано дека класичниот криминалитет бележи намалување, а бројот на прекршоци во областа на јавниот ред и мир во 2021 година е намален за 32% споредбено со ланскиот период на подрачјето на СВР Охрид. Во областа безбедноста на патниот сообраќај на територијата на СВР Охрид за 2021 година, вкупниот број на сообраќајни незгоди е намален за 28%, а сообраќајните незгоди со потешки последици се намалени за 16%.Во однос на бесправно иградените објекти, во изминатиот период поднесени се 28 кривични пријави на територијата на ОВР Струга.

Министерот Спасовски потенцираше дека раководство на МВР ќе продолжи со обезбедувањето на подобри услови за работење на полициските службеници, што пак резултира со уште подобри резултати во работењето. Покрај редовните активности, особено мора да се внимава на максимално почитување на превентивните мерки за заштита од Ковид 19.

Министерот Спасовски, заменик министерот Буши имаа средба и со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, на која беше потенцирана добрата соработка меѓу локалната самоуправа и полицијата и начините како таа да се продлабочи, а во интерес на граѓаните на Струга.

Градоначалникот Мерко нагласи дека во градот интензивно се работи на проширување на коловозите, а со тоа и создавање побезбеден сообраќај на територијата на град Струга. На средбата се актуелизираше идејата за дислокација на управните објекти во посебни згради надвор од полициската станица, со цел граѓаните да имаат поедноставен пристап за вадење лични карти и пасоши. Беше изразено задоволство од борбата на Министертвото за внатрешни работи против лихварството.