23/04/2024
Охрид

Ракописот „Цветко“ под шифра Когито е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2021

Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ што НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ја доделува за најдобра поема во ракопис во 2021 година, во состав: проф. д-р Maja Јакимовска-Тошиќ (претседател), проф. д-р Мишел Павловски (член) и д-р Славчо Ковилоски (член), се состана на 15.12.2021 г. на кој состанок беа утврдени пропозициите за работа според Правилникот за доделување на наградата, беше потврден и пристигнатиот број на поеми (7 – седум) и беа проектирани натамошните активности во однос на расположливото време за индивидуален прочит и начинот на изјаснување на поединечните ставови во однос на рангирање на поемите.

Беше констатирано дека од страна на Центарот за култура „Григор Прличев” во Охрид беа доставени на увид 7 (седум) ракописи за избор на најдобра поема за 2021 година, кои овде ги наведуваме по случаен редослед: „Недопрени тела”, Шифра: „Филигран”; „Цветко“, Шифра: Когито; „Лудобилје, Шифра „Блажена“; Географија на пеколот“, Шифра: Генезис (Почнување); „Дождот“, Шифра: Јужниотстуд; „Големиот град“, Шифра: Сизиф и „Мачењето на света Марина“, Шифра: зеб623себ622.

На состанокот одржан на 24.12. 2021 година Комисијата во мошне продуктивна и креативна дискусија ги размени искуствата и впечатоците од индивидуалното читање на пристигнатите поеми, па пристапи кон дискусија на доставените поединечни предлози.

Секој од членовите го изнесе и образложи својот потесен избор од три поеми по што одново се разви аргументирана дискусија, според принципиелно застапување на критериумите. Индивидуалното читање и образложување на изборот на секој од членовите во Комисијата е доставено и потпишано во прилог на овој Записник.

Следува рангирањето на потесниот избор на три поеми од страна на секој член на жири комисијата.

Maja Јакимовска – Тошиќ (претседател):
1. „Цветко“, Шифра: Когито
2. „Географија на пеколот“, Шифра: Генезис (Почнување)
3. „Недопрени тела“, Шифра: Филигран.

Мишел Павловски (член):
1. „Цветко“, Шифра: Когито
2. „Мачењето на света Марина“, Шифра: зеб623себб22
3. „Дождот“, Шифра: Јужниот студ;

Славчо Ковилоски:
1. „Цветко“, Шифра: Когито
2. „Географија на пеколот“, Шифра: Генезис (Почнување)
3. „Дождот“, Шифра: Јужниот студ;

При сопоставувањето на добиените резултати од индивидуалниот прочит и аргументираните мислења на секој член на Комисијата, како највисоко рангиран по број на бодови (според Правилникот за бодирање, односно работа на комисијата), членовите на Комисијата го посочија ракописот: „Цветко“, Шифра: Когито.

Бидејќи на состанокот постоеше едногласност во однос на доделувањето на наградата, според образложенијата и аргументите на секој член на Комисијата одделно (и во усна и во писмена приложена форма), заклучокот оди во насока на едногласниот избор на годинешниот добитник на наградата поради нејзините творечки достоинства, што придонесоа за нејзин избор за наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2021 година, која ja доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Поемата „Цветко“ под шифра: Когито, пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања. Поемата има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја (Пролог, Семе за надеж, Детството, Младост, Големата љубов, Брак, Лизгање по угорнина, Гости, Епилог), обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко. Поемата ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себесе, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето под кое живееме, каде низ слободен стих се движи содржината на случувањата во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе. Структурните мотивски конкретизации освен што ги третираат универзалните поимања за филозофијата на опстанокот, сврзани со вечните егзистенцијални дилеми: приклонување кон одредени етички категории, животни избори, (не)реализираност, верба, се труди да достигне и поетскиот квалитет. Притоа, чувственоста како димензија и прочувствуваноста како состојба стануваат доминанти во поетскиот лирски израз. Авторот/авторката ги излева своите ставови за значењето на љубовта и љубовниот опит низ низата од стихови на: Данте, Петрарка, Бајрон, Шекспир, Гете, Хименес, Валери, Хајне, Пушкин…, бидејќи во светот на Цветко се прекршуваат чувствата, речиси оксиморонски. Но еден вид сублимат на неговите размисли како поет и како доминантно човек се содржат во стиховите на Бела Хамваш, цитирани во поемата: „Животот може да се изживее искривено./ Лесно, лажно, игриво, неозбилно/ Со една рака, рамнодушно, одважно/ Премногу ревносно и завршно/, кои во духот на поетски преточената животна сторија на јунакот, го одразуваат поетовиот светоглед за предодретеноста и личниот влог во сопствениот почеток, текот и крајот на животниот век. Поемата комуницира и со културните симболи на времето, умешно вградувајќи ги во сопствената поетика. Авторот/авторката амбиентот на случувањата напати сака да ни го долови низ мелодијата, аромата и здивот на песните на Бери Вајт, иконата на фанкот и соулот, низ музиката на Тајм, Стонси, Квин и Стинг, и на тој начин да нѐ пренесе во некои животни модалитети на 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20. век, но и деконструирајќи ги и прилагодувајќи ги во сопствената естетика.

На состанокот одржан на 24.12.2021 г. освен што беше донесена и образложена одлуката за доделување на наградата, беа изнесени и одредени констатации и предлози коишто, според мислењето на Комисијата, треба да бидат доставени на увид до организаторот за доделување на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“.

Притоа, членовите на жири-комисијата најнапред ја изразија констатацијата и загриженоста во однос на овогодинешната мала бројка на пристигнати ракописи (7 седум). Комисијата смета дека треба да се анализира состојбата на овој пад на продукцијата на нови поеми и на нивниот квалитет и да се најдат причините за тоа.

Комисијата смета дека подобрување на состојбата може да се анимира со поширока маркетиншка популаризација на Конкурсот (пред неговото објавување, одржување на прес-конференции, разговори со добитниците на наградите од претходните Конкурси и сл.). Поширока популаризација треба да се изврши и во однос на самата манифестација (особено медиумски), и особено во однос на промоција на изданието на добитничката поема освен во Охрид, таа да се прошири и во други градови на државата. Притоа констатирано е дека некои од поемите се поднесувани во тек на повеќе години наназад, што во иднина би требало да се ограничи како можност во самиот Правилник, укажувајќи на креативноста како актуелен чин.

Со почит кон Прличевата награда и кон усилбите на организаторот на манифестацијата – НУ Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Комисијата се надева дека годинава ќе придонесе за поголема популаризација на настанот, поттикнато од изборот и квалитетот на овогодинешната најдобра поема за 2021 година.


WebOhrid / 28.12.2021 / НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид