20/04/2024
Македонија

Расчистени два случаи на разбојништво во Прилеп

Секторот за внатрешни работи Битола, Надворешна канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп за два одвоени случаи поднесе кривични пријави против С.Г. (48) од Кичево и против Н.А.(27) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела – “разбојништво“.

Во првиот случај на 20-ти октомври годинава, околу 03.30 часот пријавениот С.Г., заедно со уште едно непознато лице, извршиле разбојништво во куќа на ул. „Борка Талески“во Прилеп. Тие насилно ја отвориле влезната порта од дворот и преку незаклучена влезна врата влегле во куќата. Отишле во спалната соба во која спиела оштетената и физички ја нападнале со удари од тупаници во главата и телото, по што ја врзале со селотејп трака. По ова, С.Г. и се заканил вооружен со нож дека ќе ја убие доколку не му даде пари и накит. Оштетената исплашена од заканите им ги дала златните обетки кои ги носела на себе и му покажала каде има други златни предмети, по што сторителите одзеле три златни прстени и 20 златници. По одземање на предметите,со оригинален клуч ја заклучиле влезната врата од куќата и побегнале. На тој начин пријавените се стекнале со против правна имотна корист од околу 150.000 денари.

Во вториот случај, пак, на 16-ти овој месец во 06.30 часот, пријавената Н.А, со уште едно непознато лице, извршиле разбојништво во двор од куќа на ул.„Љубен Лапе“ во Прилеп, врз дистрибутер на Прилепска пиварница. Оштетениот излегувал од неговата куќа носејќи со себе најлонско кесе во кое имало околу 96.000 денари од прометот, како и картички и други лични документи. Во близина на гаражата забележал лице со безбол палка во рацете, кое го нападнало, удирајќи го во главата и телото, додека другото лице го удирало од позади. Откако му го одзеле најлонското кесе со парите сторителите побегнале.

Врз основа на добиеното вештачење и преземените оперативно – тактички мерки, двата случаи се расчистени, а лицата се лишени од слобода. Од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Прилеп, на пријавените им се одредени мерки притвор, за С.Г во траење од 30 дена, а за Н.А. мерка – домашен притвор