28/03/2024
Македонија

Расте бројот на фалсификувани денари во оптек, но нивната вредност е незначителна

Значителен пораст на откриените фалсификувани книжни пари во денари утврдила Народната банка во годишниот извештај за 2019. Од вкупно доставените 434 сомнителни книжни пари деноминирани во денари, при стручната експертиза во текот на минатата година е утврдено дека 73 примероци се оригинални, додека 361 примерок се фалсификувани пари. Бројот на утврдени фалсификувани книжни пари откриени во текот на 2019 година е повисок за 57% во однос на 2018 година.

Во вкупниот број откриени фалсификувани книжни пари во 2019 година, најзастапен е апоенот од 500 денари (229 парчиња), или 63,4% од вкупниот број фалсификати, потоа следат апоенот од 100 денари (82 парчиња), или 22,7% од вкупниот број фалсификати и апоенот од 1.000 денари (37 парчиња), или 10,3% од вкупниот број фалсификати.

„Најголемо учество во бројот на фалсификуваните книжни пари има апоенот од 500 денари, што исклучиво се должи на фактот што сѐ уште се доставуваат примероци коишто беа организирано пуштани во оптек во изминатите години.

Вкупната вредност на откриените фалсификуваните денари во 2019 година изнесува 183.750 денари и има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек“, се вели во извештајот.

Во однос на извршените експертизи на доставените сомнителни книжни и ковани пари деноминирани во странски валути во 2019 година, од вкупно 591 направена анализа се утврдени 216 фалсификувани пари и 375 оригинални пари.

Во вкупниот број фалсификувани книжни пари, најзастапени се книжните пари во евра (124 парчиња) и американски долари (53 парчиња). Исто како и претходната година, бројот на регистрирани фалсификувани ковани пари е незначителен и се сведува на вкупна количина од 13 парчиња фалсификувани ковани пари во апоен од 2 евра.

Од Народната банка оценуваат дека фалсификуваните книжни и ковани пари имаат релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики.

„При експертизата на техниката на изработка на фалсификуваните книжни пари, утврдено е дека тие се изработени главно на обична хартија, без доволно заштитни елементи, со користење компјутерска техника (скенирање и печатење) или, пак, со користење фотокопир во боја“, се вели во извештајот.

извор: мета.мк