Разгледано хрватското искуство за собирање и преработка на нус-производите

Во периодот од 7 до 8 декември 2017 година, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, г-дин Зоран Атанасов, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, г-дин Николче Бабовски, беа во официјалната посета на Загреб, Република Хрватска.

Во рамки на официјалната посетата на Загреб, делегацијата од Република Македонија присуствуваше на конференцијата на Платежните агенции на Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција, на која директорите на присутните Платежни агенции ги презентираа своите искуства во делот на функционирање на оваа институција и искористување на европските фондови.

Посетата се искористи и за остварување билатерална средба со министерот за земјоделство на Република Хрватска, г-дин Томислав Толушиќ, на која се дискутираше за започување на ново поглавје во трговската размена со прехранбени и земјоделски производи помеѓу двете земји.

Последниот ден од посетата на Загреб, Република Хрватска, директорот Атанасов заедно со Министерот Николовски ја посетија фабриката “Агропротеинка”, која се занимава со управување на системот за собирање на нус-производи од животинско потекло кои не се наменети за исхрана на луѓето.

На состанокот остварен со менаџментот на објектот, се разменија искуства во однос на моделот на функцинирање на целиот процес на собирање и преработка на нус-производите како и улогата на државата во при воспоставување и функционирање на овој систем.

Ефикасно и функционално управување со нус-производите од животинско потекло претставува едно од задолжителните барања на Европска унија и поради тоа во претстојниот период Владата на Република Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство ќе посветат особено внимание на оваа тема со цел успешно воспоставување на ваков систем во Република Македонија.