25/04/2024
Охрид

Развоен буџет на Општина Охрид за 2020 година

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески во изјава за медиумите го образложи Нацрт Буџетот на Општина Охрид за 2020 година, којшто беше Предлог- одлука на денешната 35-та Седница на Советот на Општина Охрид.

„Нацртот на Буџетот за 2020 година на Општина Охрид којшто е доставен на усвојување е развоен буџет, заклучокот можеме да го донесеме како резултат на големиот процент на учество на капиталните расходи во вкупниот Буџет. Вкупните приходи во нацрт буџетот се проектирани на износ од 1.184,138,350 денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 661.761.845 денари. Во буџетот за 2020 година предвидуваме повеќе средства во носечката програма,а тоа е Уредување на градежно земјиште каде што ги зголемуваме средствата за Изградба и реконструкција на улици и патишта , како и за изградба на други објекти. Предвидуваме повеќе средства за експропријација кои што во дел ќе се искористат за експропријација на парцелата каде што е предвидено изградба на катна гаража по моделот на ЈПП. Во делот на изградба и реконструкција на улици и изградба на други објекти предвидено е, реконструкција на улица „1-ва Македонска Ударна Бригада“, реконструкција на улица „Охридска Бригада“, реконструкција на улица „Марко Цепенков“, реконструкција на улици во населба Христо Узунов, изградба на тротоари и велосипедски патеки на ул. „15 –ти Корпус“, изградба на атмосферска канализација на ул. „7-ми Ноември “. Изградба на нови паркинг места во општина Охрид , партерно уредување на плоштад „Крушевска Република“, уредување на речно корито на река „Грашница“на потег од Булевар „Туристичка“ до ул. „Железничка“ –прва фаза,изградба и реконструкција на детски игралишта во Општина Охрид. Тука мора да споменеме дека успеавме преку средства одобрени од Владата на РМ преку ЕБОР да го финансираме горниот строј од улица „Абас Емин“којашто беше наша обврска, обврска на општина Охрид , додека изведбата на нова водоводна, канализациона и атмосферска линија ќе се финансира преку Свеска Банка, а носител ќе биде Министерството за транспорт и врски , тендерирањето ќе започне во месец декември.Во делот на јавно осветлување предвидуваме 8,5 милиони денари за проширување на постојното јавно осветлување со изградба на нови мрежи и сијалични места. Кога јас дојдов на оваа функција беа предвидени многу мал број на сијалични места и истите беа потрошени , а секојдневно пристигнуваат барања за постаување нови сијалични места.Го продолжуваме трендот на вложување во образованието, за наредната година планираме 16 милиони денари за капитални инвестиции во основните и средните училишта ,за замена на азбесни кровови и за промена на подови и столарија“ – објасни градоначалникот Георгиески.