25/04/2024
Охрид

Реакција: Општина Охрид и администрацијата работат според словото на Законот

Во врска со наводите на граѓанската иницијатива Охрид SOS и коментарите на поединци и здруженија во однос на спроведување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ја информираме јавноста дека ваквите наводи се необјективни, паушални и во крајна линија невистинити.

Локалната самоуправа ја спроведува целата постапка во согласност со законот кој ја третира оваа материја. Во врска со наводите дека се легализираат бесправно изградени објекти на земјиште сопственост на Република Македонија во крајбрежниот појас, треба да се знае дека согласно член 12, став 1, алинеја 4 од законот, јасно е дефинирано дека може да се легализираат објекти кои се изградени на земјиште сопственост на Република Македонија. Во однос на бесправно изградени објекти во заштитениот крајбрежен појас, согласно член 18, став 1, во постапката се прибавува мислење по службена должност од Министерството за животна средина и просторно планирање за сите објекти, освен за објекти со намена домување во станбени куќи. За овие објекти барателите доставуваат изјави заверени на нотар, дека ќе ги сносат сите последици од елементарни непогоди, како и одговорноста и последиците што објектот може да ги нанесе на животната средина. Истовремено, објектот не се вклопува во идните плански документации.

Уште еднаш сакаме да потврдиме дека, Законот за постапување со бесправно изградените објекти доследно се спроведува во сите аспекти. Воедно, ги повикуваме сите заинтересирани да се обратат во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште за сите информации, за да се избегне дезинформирање на јавноста со паушални конструкции и невистини.