24/04/2024
Охрид

Реакција: Општина Охрид и градоначалникот Георгиески веќе 2 години ја водат битката со урбаниот хаос

Општина Охрид испрати реакција до медиумите во врска со денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Смешно и крајно небулозно е денешното соопштение на ОК ВМРО ДПМНЕ, преку кое за ситни политички поени сакаат да го оцрнат залагањето и посветеноста на градоначалникот Константин Георгиески во делот на исполнување на препораките на УНЕСКО.

Ниту еден претставник на ВМРО ДПМНЕ нема основен кредибилитет да зборува за постапување со бесправно изградени објекти, затоа што не поседуваа ни најмала храброст во Советот на Општина Охрид и не го поддржаа носењето на Динамичкиот план за отстранување на дивоградбите.

Преку овие неосновани обвинувања покажуваат дека немаат елементарни познавања за комплексноста на состојбите во кои се наоѓа Охрид. Наместо да покажат вистински интерес за соработка во целокупниот процес, тие избираат да се затскриваат зад нивната очигледна неспособност во делот на управување со проблемите и да глумат лажна загриженост.

Додека тие се кријат зад нивната неукост и неупатеност и покажуваат сила само зад тастатурата и на социјалните мрежи, Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески веќе две години целосно транспарентно и максимално посветено ја водат битката со урбаниот хаос и катастрофалното управување со крајбрежјето, кое го оставија токму тие, господата од ВМРО ДПМНЕ по нивното 11 годишно владеење. Јавноста навремено и отчетно е инфомирана за сите детали и за сите постапки кои Општина Охрид ги спроведува во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, што беа испорачани како резултат на огромните пропусти и негрижата за светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, кои ги направија ТИЕ кои денес се дрзнуваат бесрамно да критикуваат. Се лажат доколку мислат дека преку вакви соопштенија ќе можат да се амнестираат од нивната одговорност за дивоградбите, од кои голем дел се изградени додека тие поседуваа власт и на локално и на централно ниво.

Ги повикуваме господата од ВМРО ДПМНЕ да излезат од своето партиско седиште од центарот на Охрид, да направат една обиколка по крајбрежјето и да ги посетат локациите каде што Општина Охрид во моментот работи на отстранување на бесправните градби. Ги покануваме на терен да се уверат дека конечно се воведува ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано. Плажите се ослободуваат од нелегални градби, платформи, ѕидови за да се овозможи нивно непречено користење, за разлика од годините наназад кога нелегално се наплаќаше за влез, лежалки и паркинг.

Во чии џебови одеа инкасираните средства и профити од хаотичното стопанисување со плажите нека одговорат токму од ВМРО ДПМНЕ, затоа што во нивно време на владеење се направени сите договори за концесија, кои имаат нанесено големи штети на крајбрежјето.

Јавноста добро знае на кои објекти се постапуваше и ќе се постапува. Активностите за отстранување на бесправните градби се одвиваа и ќе продолжат да се одвиваат тековно и последователно се додека не бидат отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и ги деградираат уникатните аспекти на регионот.

За разлика од нивното владеење, кога направија едно големо НИШТО за зачувување на статусот на УНЕСКО, сегашната локална власт во координација со Владата на Република Северна Македонија останува посветена на исполнување на препораките на УНЕСКО и имплементацијата на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Доколку немаат доблест да го поддржат и да го поздрават целокупниот процес, упатуваме апел до ВМРО ДПМНЕ, да престанат напразно да коментираат и да ги манипулираат граѓаните.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.