Реакција за безмилосното сечење на шумите од Јабланица
Се обраќаме до јавноста за да посведочиме за масовна и безмилосна илегална сеча на шумата од идниот национален парк Јабланица. Сечата добива на интензитет во изминативе месеци во атарите на селата Вишни, Радолишта, Франгово, Лабуништа. Речиси и да нема педа од Јабланица во која не продреле шумските мафијаши. Шумската полиција е немоќна и не реагира, шумското стопанство одамна кренало раце, а највредните букови шуми исчезнуваат и се нанесува огромна штета на екосистемите и на државата.
Во изминативе години и месеци испратени се безброј реакции и претставки до надлежното министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, за по извесен период, во 2020 г. да добиеме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање во кој нé известуваат дека шумско-културни работи ќе се изведуваат само во атарите од селата Радолишта и Франгово, според Посебниот план за стопанисување со шумите во ШСЕ Ќафасан – Јабланица во периодот од 2019 – 2028 г.
И покрај тоа речиси и да нема ден на патот Долна Белица – Вишни – Струга да не поминат натоварени камиони со бесправно исечени дрва. Ова уште повеќе што за интересот на малкумина страда цела Јабланица, во време на енергетска криза кога луѓето одвојуваат баснословни суми за легално да купат огрев.
Потсетуваме дека иницијативата за прогласување национален парк е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а истата е прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани. Владата ја поддржа иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк на 116-та седница, во 2022 година. Воедно апелираме Студијата за валоризација на природните и социо-економските вредности да се ревидира и да се дополни во најбрз можен рок, за да може процедурата за прогласување на национален парк да се забрза.
Затоа бараме, сите надлежни органи ургентно да ја сопрат бесправната сеча и пустошењето на шумските екосистеми на Јабланица. Само на тој начин државата ќе може да ги заштити ретките природни богатства од неконтролираното искористување и уништување. Пустошењето и сечењето на шумата е закана од ерозија на земјиштето на планината, а тоа е аргумент плус, зошто државата треба да поведе грижа и да стави крај на ваквата анархија.
Доколку бесправната сеча не престане, секојдневно ги ќе стопираме со жива сила сите камиони кои пред наши очи пренесуваат бесправно исечени дрва на патот Долна Белица – Вишни – Струга. Сликите во прилог ја доловуваат моменталната состојба на Јабланица.
03.05.2023
Месна заедница с. Вишни, општина Струга
Здружение на граѓани Св.Спаса Вишенска, с. Вишни
Здружение на граѓани Св.Атанасие, с. Вишни
Здружение за екологија и туризам Екотуризам 2016, Охрид