28/03/2024
Македонија

Регистриран DDoS напад кој бил насочен на страната на ДИК

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика достави известување до Основно Јавно Обвинителство – Скопје во кое ги образложи сите мерки и активности кои беа преземени во насока на расчистување на случајот пријавен од страна на Државната изборна комисија.

Имено, во текот на истрагата беа обезбедени податоци и логови за функционирањето на системот и делови од системот за поддршка на изборниот процес во Државната изборна комисија. Податоците беа обезбедени од повеќе институции и компании кои беа вклучени во изборниот процес.

Од доставената пријава и анализата на податоците се констатираше дека при крајот на изборниот процес, а особено во текот на објавувањето на прелиминарните резултати бил регистриран DDoS напад кој што бил насочен на страната https://www.sec.mk/и кој влијаел на оневозможувањето на публикувањето на резултатите од апликацијата на дедицираниот сервер за објавување на прелиминарните резултати.

Дополнително при анализата на податоците кои ги добивме од фирмата ДУНА КОМПЈУТЕРИ а се однесуваат на податоци и датотеки извадени од серверите (дата бази и логови од системите) за наша понатамошна анализа за можни проблеми со функционалноста на истите, не е утвредено нефункционирање на системите или застој во процесот на безбедносната афтентикација на корисниците за прием и внес на резултатите од изборните комисии.

Секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика во соработка со Јавното обвинителство ги користи сите механизми за меѓународна соработка со интернет сервис провајдери кои се надвор од наша јурисдикција, со цел добивање на податоци за корисниците на нивните сервиси.

Истрагата за овој случај продолжува во насока на утврдување на ИП адресите од каде што е пристигнат нападот, собирање на дополнителни информации за утврдување на нарачателот на овој напад како и утврдување дали имало други причини кои влијаеле или се поврзани со неможноста на објавувањето на прелиминарните резултати.