Реконструкцијата на улицата „15ти Корпус“ во финална фаза

Градежните активности за реконструкција на улицата „15-ти Корпус“ се во финална фаза.

Рано утринава започна поставувањето на вториот асфалтен слој на коловозот, на потегот од крстосницата со пристапниот пат кон село Велгошти до влезот во село Лескоец. Во текот на претходните денови на овој потег од улицата се изврши асфалтирање на пешачките и велосипедските патеки.

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со надлежните за сообраќај и комунални дејности при Општина Охрид, денеска изврши увид на градежните активности за асфлатирање.

Се работи за исклучително важна инфраструктурна инвестиција со која што Охрид ќе добие современ влез во градот. Должината на улицата е 1900 метри, а проектот за реконструкција предвидуваше замена на атмосферката канализација, поставување на нов асфалт на коловозот, комплетно уредување на тротоарите, ново осветлување и нова хоризонтална и вертикална сигнализација.

За реализација на овој значаен проект Општина Охрид издвои 30 милиони денари од општинскиот буџет, а останатите средства во износ од 28 милиони денари се обезбедени од ЈП „Државни патишта“.