19/04/2024
Охрид

Ретки се, но не се сами!

Учениците од ОУ „Ванчо Николески“ преку разни активности го одбележаа месецот на ретки болести. Во месецот со најмалку денови и месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, учениците од ова училиште заедно со своите наставници и библиотекарот одржаа разни креативни активности под мотото „Ретки сте, ама не сте сами“. Во текот на реализираните активности учениците се запознаа со дел од ретките болести, со проблемите и предизвиците со кои се соочуваат овие пациенти и ја дадоа својата поддршка за заедницата на ретки болести. Учениците со голема мотивираност се вклучија во активностите, преку кои и ја изразија својата креативност и хуманост.

„Децата уште од мали треба да се учат на разбирање, толеранција, почитување и помош на тие кои страдаат. Се надеваме дека со вакви активности ќе допринесеме да се подигне свеста на учениците, населението и на соодветните институции за заболените од ретки болести, а на тој начин ќе се иницира поголема грижа за истите“, – информираат од училиштето „Ванчо Николески“.

Додаваат дека во својата Годишна програма за работа има планирано низа активности за едукација на учениците, во насока на подигање на свеста за почитување и поддршка на различните од нив, како и помагање онаму каде е потребна помош.