26/04/2024
Охрид

Роднокрајни автори родени во септември: Маленко, Ѓорѓиоски и Линдро

НУ Библиотека „Григор Прличев“ и во време на пандемија, виртуелно ги одбележува родендените на роднокрајните автори, овој пат од оние родени во септември.

Според евиденцијата на библиотеката во текот на овој месец се родени тројца автори: Димче Маленко,Боро Ѓорѓиоски и Милош Линдро.

Нивните дела ги има во родонокрајното одделение и се чуваат со посебно внимание во трезорот на библиотеката.

Да потсетиме, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид лани ја  одбележа 100 годиншнината од раѓањето на писателот и поет Димче Маленко.

Роднокрајниот автор романсиер и раскажувач Димче Маленко е роден во Охрид на 21-ви септември 1919-та година. Осмолетка завршил во Охрид. Петгодишна Машка учителска школа завршил во Белград 1938 година. До 1941-ва година студирал Педагошка група предмети на Филозофскиот факултет во Скопје, (запишувајки VI-ти семестар). Бил активен учесник во НОБ од 1941-ва година. За тоа време категорички откажал да му служи на окупаторот. За време на војната дејствувал во позадина и како партизан. По ослободувањето бил раководител во просветата и културата во Охрид или на професорска должност, кога вонредно завршува и Филозофски факултет-група Македонски јазик со книжевност, во Скопје. Во 1965-та година е пензиониран како учесник во НОБ. За сето време живее и работи во Охрид. Член на Друштвото на писатели на Македонија е од 1971-ва година. Починал пред 30 години  во Охрид,  во 1990-та година.

Димче Маленко ( 1919 – 1990) 

Првично Маленко пишувал поезија. Во периодот 1939-1944-та година настанала збирката поезија „МАЧНИЦИ“ но, успева да ја објави дури во 1983-та година. Во списанието „Културен живот“ ги објавил драмите „САМУИЛ“ (1969-та година); „ПРОКУДЕНИК“(1972-ра година); „РАНИ РАСКАПИ“ (1987-ма година) и едночинката „УНЕР“ (1976-та година). Меѓутоа, Димче Маленко првенствено е романсиер и раскажувач. Во таа своја жанрова определеност го објавил романот од НОБ „СЛОБОДОЉУБИВИ ЧОВЕКОЉУПЦИ“ („Наша книга -Скопје“ 1972); Збирката новели „Паркот на Јоновци“ („Мисла – Скопје“ 1973); Објавувал раскази во македонската периодика, меѓу кои „Огнено раѓање на слободата“, „Ојлуле“, „Астар“ и други. Постхумно во 1994-та година е објавен романот „Вознемирен водосвод“. Пишува оценки, белешки од литературна критика, есеистика и фолклористика, та последното издадено дело за време на животот му е „Охридската народна песна и приказна“ („Радио Охрид“ 1989-та година).

Од одбележувањето на 100 години од раѓањето на Димче Маленко

По повод 100 годишнината  неговите најблиски синот и ќерката Петар Маленко и Убавка Упевче создадоа веб страница http://www.dimchemalenko.com на која има низа интересни факти од живот и творештво на нивниот татко а за прв пат беше објавен и неговиот драмски текст „Лути сме или луѓе сме“.