28/03/2024
Македонија

РСБСП со апел: Возачи, внимавајте на тракторите и другите мобилни машини!

Во овие есенски денови, кога  обработката на земјоделските површини е во најголем замав и кога е актуелна бербата на грозјето, пченката, жетвата на оризот, итн. бројот на земјоделски возила – трактори, мотокултиватори и други мобилни машини  кои учествуваат во сообраќајот значително  се зголемува.  Ова претставува  дополнителна и сериозна опасност во патниот сообраќај.

Сообраќајните незгоди  во кои што учествуваат  земјоделски возила  најчесто завршуваат со загуба на животи, тешки телесни повреди и огромни материјални штети. Ова е нешто што сите би сакале да го избегнеме.

За жал, статистичките податоци покажуваат дека секоја година по неколку возачи на трактор и  патници на трактор или приколка го губат животот во сообраќајни незгоди.  Во првите  6 месеци, во 2020 година,  1 возач на трактор го загуби животот  во сообраќајна незгода а 12 се повредени. Во летните месеци, според неофицијалните податоци на РСБСП,  уште двајца возачи на трактор го загубија животот во сообраќајни незгоди.  Меѓутоа не страдаат само возачите на трактори, тука се и патниците, т.е лицата кои се превезуваат на трактор или приколка, а и останатите учесници во сообраќајот кои страдаат во сообраќајни незгоди во кои едно од возилата учесници во незгодата е трактор или приколка.

Согласно наведеното, не е мал бројот на лица кои страдаат во сообраајни незгоди во кои учествуваат трактори, мотокултиватори и други мобилни машини.

За таа цел,  Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со апел до сите учесници во сообраќајот, да бидат свесни и претпазливи за оваа опасност во сообраќајот. РСБСП посебно апелира да возачите на трактори и мотокултуиватори да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да управуваат технички исправни возила и да бидат соодветно осветлени во ноќни услови и во услови на намалена видливост.

Покрај тоа, РСБСП со совети и за возачите на другите моторни возила  да внимаваат на тракторите и другите мобилни машини во сообраќајот,  и тоа:

  • Бидете внимателни во ноќни услови и во услови на насмалена видливост бидејки за жал често се случува трактори и други мобилни машини да не бидат соодветно осветлени.
  • Намалете ја брзината, особено на локални и регионални патишта на кои често во сообраќај  учествуваат трактори и други мобилни машини. Особено внимавајте на остри кривини, мостови и други места каде што има слаба видливост бидејки тракторите се движат со помала брзина. Поради побрзо возење може да се доведете во состојба да не можете безбедно да го запрете вашето возило,  ниту пак безбедно да  престигнете.
  • Бидете внимателни и стрпливи при престигнување. Доколку се најдете позади трактор, мотокултиватор или друга земјоделска машина, бидете трпеливи и имајте во предвид дека тие најчесто имаат релативно кратки релации на патување, најчесто од 5 до 10 километри и истите брзо ќе се исклучат од сообраќај. Земјоделците се свесни за застојот којшто го предизвикуваат во сообраќајот и доколку тоа е можно, ќе ви остават доволен простор  безбедно да ги престигнете,  но истите не треба да бидат престигнувани на места и во услови каде што коловозот не го дозволува тоа.
  • Внимавајте на приколките и другата приклучна механизација.  За жал приколките и другата приклучна механизација на тракторите, мотокултиваторите и другите мобилни машини ( прскали, плугови, цистерни, култиватори и др,)  често пати не се соодветно означени или на се соодветно и безбедно прикачени за возилото или излегуваат надвор од  дозволениот простор во должина или ширина.  Секогаш кога ќе забележете трактор или  мотокултиватор во сообраќајот намалете ја брзината и пристапете и продолжете со дополнително  внимание и концентрација
  • Внимавајте на товарот. Не соодветно обезбеден товар и товар кои излегува надвор од дозволениот габарит или надвор од пропишаната и дозволената маса, може да биде опасен како за возачите на трактори и мотокултиватори, така и за  останатите возачи.

РСБСП со апел: Безбедноста во сообраќајот зависи од сите учесници во сообраќајот независно од тоа дали управувате трактор, мотокултиватор или  друго моторно возило. Возете технички исправни возила, почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. На тој начин прво ќе го заштитите сопствениот живот, а потоа и животот и здравјето на останатите учесници во сообраќајот.

#ВОЗИОДГОВОРНО!