Шахпаска и Филипче: Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа за децата

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче вечерва во Владата на Република Северна Македонија остварија средба со дел од родителите, кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство, а кои реагираа на Одлуката на Владата на 23 септември 2020 година сите родители од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места, поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.

Двајцата министри им пренесоа дека Одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките,  во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој на минимум го сведува ризикот од ширење на КОВИД-19. Оттука логично е после отворањето на градинките, родителите да се вратат на работниот процес.

Претставничките на дел од родителите информираа дека стравуваат за здравјето на нивните деца и затоа сакаат да го одложат тргнувањето на нивните деца во градинка до почетокот на идната година, но и дека им треба подолг период на адаптација.

Министерот за здравство Филипче нагласи дека сите предвидени Протоколи, вклучително и тој за работа на градинките,  се дефинирани според  строги епидемиолошки правила и се целосно медицински издржани. 

„Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес“, рече министерот Филипче.

Од друга страна министерката Шахпаска информираше дека во градинките, според информациите од терен има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.

„Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа на сите деца.  Според Протоколот предвидовме приоритет за оние семејства на самохрани родители и двајца вработени, на кои тоа навистина им е неопходно. Градинките имаат  капацитет од  19.000 места, а како приоритетни пријавени се 14.555 деца. Тоа значи дека бројката од самиот почеток не беше целосно исполнета, а  имавме и случаи кога децата не престојуваа во градинка, а беа пријавени како приоритетни“, нагласи Шахпаска.

Таа дополнително информираше дека  по Одлуката на Комисијата за заразни болести да се зголеми капацитетот на групите од 0 до 2 години од шест на 12 деца, дополнително е зголемен капацитетот за прием на деца.
Во однос на забелешката на претставничките на мајките дека враќањето во работниот процес ќе биде проблем и за родителите на децата од 6 до 10 години, министерот Филипче нагласи дека мерката за нив е укината уште од 7 јули 2020 година и оттогаш тие се на работа.

Министрите Шахпаска и Филипче им најавија на претставниците на дел од родителите дека нивните забелешки ќе бидат пренесени на Владата. 

На крајот тие нагласија дека Владата внимателно ја следи состојбата на терен  и во зависност од развојот на ситуацијата одлуките ги носи единствено  во интерес на граѓаните и на нивното здравје.