06/12/2024
Охрид

Сајкоски од Охрид: Со програмата за парламентарните избори „Платформа 1198“ целосно ќе ја рестартираме, реорганизираме и реформираме нашата Македонија

Восхитен сум од сите вас, собрани овде во Охрид. Илјадници охриѓани, но и граѓани од цела Македонија, од Битола, од Кичево, од Струга, од Ресен, од славна Дебрца, од Дебар, од Демир Хисар, од Маврово и Ростуше, од Центар Жупа, од Долнени и сите други прекрасни места од нашата преубава Македонија. Восхитен сум од бројот на луѓе кои ги гледам денес пред мене. Оваа река на народ говори само едно, говори дека и на 24-ти април и на 8-ми мај победата ќе биде голема, порача Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ5 од митингот во Охрид. 

„Свесни сме за распаднатите институции. Свесни сме за задолжената држава. Свесни сме за запрените проекти, за неизградените патишта, за распаднатите училишта, за немањето учебници. Свесни сме за нефункционалниот здравствен систем. Свесни сме и за корупцијата и криминалот кои секојдневно ги прави власта. Овие избори се голем испит за нас како народ, како граѓани, за сите нас. Ќе ги запреме овие немилосрдни уништувачи на државата или ќе се покориме. Ќе ги запреме овие неработници или ќе се откажеме. Ќе ги запреме овие неспособни манипулатори или ќе се предадеме“, рече Сајкоски и порача дека нема да се предадат туку со ум, работа ќе се запрат лошите политики на оваа актуелна власт.

Сајкоски ги повика си граѓани без разлика на вера и нација, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, христијани, муслимани да излезат и да гласаат за подобра Македонија. 

„Да се обединиме во борбата против власта која не посрами. Која не оцрни, не избрка од огништата, ни ги затвори училиштата, власта која ни ги запусти и патиштата. Обединети да им одговориме дека за нив дојде крајот. Обединети да им одговориме дека Македонија има и повеќе ум и повеќе сила“, нагласи тој.

Тој посочи дека оваа напаст и непогода која ја задеси Македонија не се победува со седење дома, не се победува со кавги и недоразбирања помеѓу нас. Оваа напаст се победува со големо народно, македонско обединување, со гласање и воведување ред во својата, во нашата, и во твојата Македонија.

„Слушам овие од власта велат сме имале некаква фобија. Ама можам да им кажам дека ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ имаме само љубов. Љубов кон Македонија, љубов кон луѓето на нашата земја, Македонија. Таа љубов ја преточивме во содржината на двете изборни програми наречени платформа „Македонија повторно горда” и „Платформа 1198“, кои се напишани и креирани од нашите најискусни и најкреативни луѓе“, појасни Сајкоски. 

Сајкоски укажа дека Платформата „Македонија повторно горда” е совршен и умен продукт на исклучително успешна и искусна личност. И само таа како иницијатор и креатор на истата може добро да ја долови. Таа ќе биде претседателка на Македонија, професорката Гордана Силјановска.

„Со програмата за парламентарните избори „Платформа 1198“ целосно ќе ја рестартираме, реорганизираме и реформираме нашата Македонија.

Најмногу простор во нашата Платформа, но и во нашата работа ќе посветиме на: 

–          Борбата за квалитетен животен стандард;

–          Ниските даноци;

–          Повисоките пензии и плати;

–          Ќе ги подобриме можностите младите;

–          Ќе одвоиме 150 милиони евра за поддршка на квалитетно вработување на нашите млади;

–          Ќе ги подобриме политиките кон семејството;

–          Ќе ја воспоставиме мерката „Купи куќа за млади“, рече Сајкоски.

Сајкоски додаде дека во Охрид ќе се уреди и реконструира пристаништето. Ќе се преземаат активности за редовно чистење на езерското дно како и за проширување, прочистување и одржување на пристаништата и пристапните мостови. 

„Дополнително ќе ги зголемиме инфраструктурните инвестиции во комплексот Плаошник, а со изработка на детална програма Охрид ќе стане центар на културен туризам со посебно внимание на промоција на црковно-историското наследство. Ќе изградиме ново училиште „Григор Прличев“. Ќе градиме катна гаража кај градскиот пазар. Ќе изградиме плоштад и кај Чинар. Ќе градиме систем за водоснабдување на Охрид од Свињишки извори. Ќе работиме на кејот и на довршување на затворениот градски базен. Ќе изградиме канализационен систем со пречистителна станица во Трпејца. Но и ќе работиме на многу други конкретни проекти за Охрид, Дебрца и сите околни општини“, порака Сајкоски. 

Тој додаде дека за овие проекти да се остварат, потребно е Македонија да има способна Влада, способен премиер, способни политичари, способна претседателка.