25/04/2024
Охрид

Самостојна изложба на Сашо Блажес „Обоена колекција на радост“ во Куќата на Уранија – МАНУ

Во Куќата на Уранија – МАНУ, во Охрид, синоќа, во рамките на Научната и уметничка визита – Охриод 2019, беше отворена самостојната изложба на ликовниот уметник Сашо Блажес, од Охрид, насловена: „Обоена колекција на радост“.

Авторот се престави со својот најнов циклус на дела изработени во 2019 година.

Мирко Вујисиќ, редовен професор на Факултетот за Ликовни Уметности од Скопје, за најновата постановка на Блажес, ќе рече:

– Сашо Блажес на оваа изложба постави дела кои со својата сликовна еманација се со нова, еволутивна подразбирлива изразност до колку се познаваат претходните фази и процеси во неговото уметникување. Првичната афирмација ја стекнува со графики и цртежи, колоритно изработени во комбинираните техники. Од нив се исчитува сложен, дескриптивен свет на алегорична и гротескна симболика на ликови и фигури. Тие сценски раскази, изработени со арабескен ракопис, јасно ги дефинираат внатрешните светови на фантазмот што е егзактно опишан секому да е поимлив, во секого присутен низ личните отелотворени сновиденија. Во следниот период, се посветува на сликарството кое е во еден дел бихевиорално, сега веќе во овој секојдневен свет, некаде саркастично поентирано, експресивно и колористички авторски потврдено… Најновиот циклус на слики поставен на оваа изложба, кај Блажес обединува определен став каде ги дава одговорите на идејно-творечката синтакса со промислувања за формите на сликарскиот артизам. Во природата на уметноста е уметникот да ги артикулира своите креативни пориви како миговно бележење на инспиративни сензации, интроспективни понирања и самоанализа, корективна воздржаност во секој сегмент низ чинот на создавање. Сликарот свесно се препушта во ретинални и катарзични одлуки верувајќи дека низ периодите на творечкото усовршување, сите мисловни и духовни бранувања неминовно водат кон персонифицирање на сопственото ‘Јас’. Сашо Блажес, сликајќи, го напушта наративниот момент, алузивниот метафоричен предизвик. Проектира принцип со јасна ликовна архитектура од гестуална и експресивна акција. Колоритот е интензивен; треперливите повлекувања на широките потези низ целата површина на платното како спирални вртлози водат кон епицентри и кон повеќе енергетски средишта. Но, воедно и ги напушта и проширува со осмислена когнитивна експозиција низ целиот композициски простор. Со еден ваков стилски издржан континуум, изложените дела нудат една интегрална целина со заедничка стилска органика. А внатрешниот структурен супстрат кај авторот ќе имплицира идни, дивергентни смерници на истражувања со кои како и до сега, колегата Сашо ќе ги збогатува и оплеменува своите идејни предожби за светот на нови ликовни поетики.

Веле Митаноски