19/04/2024
Македонија

СДСМ: Иванов повторно покажа дека не може да излезе од политиките на раздор и поделби

СДСМ испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Ѓорѓе Иванов денеска одржа срамен и партиско-политички говор, со што уште еднаш докажа дека ниту бил ниту ќе биде претседател на сите граѓани.

Ѓорѓе Иванов цели десет години молчеше и ниту еднаш не најде за потребно да реагира против масовната партизација на јавната администрација и општеството, за полициско-судко-политички монтирани процеси против тогашната опозиција и неистомислениците на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Јавноста со години беше лишена од ставовите и мислењата на Иванов околу загадувањето на воздухот, грабежот на јавното добро, политичките пресметки и реваншизам, угнетувањето на медиумите и затворањето новинари, нападот врз демократијата на 24 декември 2012, насилствата во Собранието на 27 ми април, изборните неправилности и останатите проблеми кои се провлекуваа со години.

Во годината во која државата прави крупни исчекори во возобновување на демократијата, обединувањето на граѓаните околу стратешките цели, унапредување на добрососедските односи и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, Иванов продолжува со создавање на атмосфера на изолација и поделби, работејќи спротивно на интересите на државата и граѓаните.

Очигледно е дека Иванов останува заробен во својата улога на заштитник на одредена група луѓе од ВМРО-ДПМНЕ и нема капацитет да излезе од политиките на раздор и поделби што ги создава со секој свој јавен настап.

СДСМ останува посветена на новите вредности, изградбата на едно демократско општество за сите, обединувањето на граѓаните, напредокот и стратешките интереси на Република Македонија, членка на ЕУ и НАТО.“- стои во соопштението.