28/03/2024
Охрид

СДСМ: Отворениот испуст на Црн Дрим кај Струга беше најавен

СДСМ Охрид испрати реакција до медиумите во врска со прес-конференцијата на пратеникот Кирил Пецаков, за намаленото ниво на вода во Охридското Езеро.

„Убаво е што опозициската ВМРО ДПМНЕ и на локално ниво реагира и потсетува, но пред да свикаат прес и неосновано да критикуваат треба да се соочат со фактот кој јавноста го знаеше – „само тие не“, дека отворениот испуст на Црн Дрим кај Струга беше најавен.

СДСМ – Охрид преку своите претставници во Парламентот и преку Градоначалникот Константин Георгиески секако континуирано се залагаат за зачувување на природната рамнотежа на Езерото и животната средина воопшто.

АД Електрани вчера веќе излезе со соопштение во кое се вели: „Краткотрајното испуштање вода од Охридско Езеро е поради чистење наноси во Црн Дрим преку проект на УНДП.

Во моментов котата на Охридското Езеро се наоѓа на 7см над минималната кота.

Зголеменото испуштање вода во изминатите дваесетина дена беше преземено во интерес на олеснување на најавените активности за отстранување на повеќе од 10000м3 нанос од песок и друг материјал на истекот на реката Црн Дрим. Проектот на чистење е финасиран од УНДП и одобрен од Министерството за животна средина и од Општина Струга.

На барање на изведувачот на работите, АД ЕСМ како имател на водостопанската дозвола за користење на водите на Охридското Езеро за производство на електрична енергија, а согласно на тоа и регулатор на истекот, обезбеди максимален истек на вода со што беше овозможено непречено извршување на работите кои се во интерес на целата заедница.

Работите успешно завршија, и на 17.09.2020 година, при кота на Охридското Езеро 693.17 м.н.в. заврши понатамошното намалување на нивото.

Инаку, дозволените коти на Охридско Езеро согласно Водостопанската дозвола на АД ЕСМ се движат од 693.75 до 693.10, се вели во соопштението на АД Електрани на Северна Македонија.

И овој прес на пратеникот Кирил Пецаков е пукање во празно и колку нешто да се сработи и да се покаже активност. Еве, јавно СДСМ – Охрид го поканува да застане заедно со неговиоте колеги пратеници од нашите редови во Парламентот со конструктивни предлози да работа за доброто на Охрид и Езерото.“ – стои во реакцијата од СДСМ Охрид.