09/12/2024
Охрид

СДСМ: Соопштението на ДПМНЕ е еден мизерен и очаен обид за обезвреднување на целокупното досегашно залагање на локалната власт

ОО на СДСМ Охрид испрати реакција во врска со денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Денешното штуро соопштение на ОК ВМРО ДПМНЕ е еден мизерен и очаен обид за обезвреднување на целокупното досегашно залагање и посветеноста на локалната власт предводена од градоначалникот Константин Георгиески и СДСМ. 

Се лажете доколку мислите дека со искажување на вакви манипулативни констатации и лични навреди ќе можете да постигнете политички поени, затоа што граѓаните добро знаат што е вистинска работа и што е вистинско залагање за подобрување на катастрофалните состојби во Охрид кои ги остави токму вашето ВМРО ДПМНЕ по 11 годишното владеење. 

Смешно и крајно нејасно е да обвинувате за урбан хаос, кога општината речиси две години имаше мораториум за градба, а за ваша информација, откако е донесен Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, не е дадено ниту едно одобрение за градба кое отстапува од одредбите на овој важен документ. Еве јавно ве запрашуваме колку решенија за отстранување на дивоградби има реализирано и колку дивоградби отстрани власта на ВМРО ДПМНЕ, за да има некаква основа да обвинува за селективност и да критикува за урбаните состојби во Охрид? 

За разлика од Вас, кои преферирате лицемерна загриженост и површни критики, власта на СДСМ и градоначалникот Георгиески веќе две години целосно транспарентно и максимално посветено ја водат битката со проблемите кои се произлезени од вашето владеење и управување со Охрид. 

Дрско и бесрамно е да обвинувате за партиски вработувња, кога вие објавувавте огласи за вработување секој месец, а вашиот претседател Сашо Донев и вашиот пратеник Кирил Пецаков имаат добиено работно место преку партиските тефтери и списоци за вдомување на послушниците. 

Дека тотално сте незаитересирани за состојбите кои се значајни за нашиот град,  говори и фактот што се дрзнувате да зборувате за тема како што е долгот на Општина Охрид.  Господа од ВМРО ДПМНЕ, Општина Охрид за само две години го намали долгот за повеќе од една милијарда денари, како резултат на успешниот процес  на раздолжување. Враќањето на финансиската стабилност e еден од најважните приоритети на оваа локална власт и благодарение на поддршката и помошта од Владата на Република Северна Македонија постигнат е евидентен успех, кој има огромно значење за идниот развој на општината. 

Ние не сме политички калкулканти кои за ситни политички поени ги лажат и ги манипулираат граѓаните. За разлика од Вас ние работиме за интересите и долгорочниот развој на Охрид. Го реконстриравме булеварот „Туристичка“, ги реконструиравме улиците „Егејска“, „АСНОМ“, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“ „Марко Цепенков“, улицата во населба „Христо Узунов“ и изградивме нова улица во поранешната касарна. Во моментов се финализираат градежните активности на големите проекти за реконструкција на улиците „15-ти Корпус“ и „Абас Емин“, а во тек е реконструкцијата на водоводната линија и коловозот на улица „Јане Сандански“ како и изградбта на новата трибина на стадионот „Билјанини Извори“. Ова е само еден мал дел од низата инвестиции во инфраструктурата кои се од исклучително значење за Охрид како туристички и културен центар.  

Воопшто не ви беше грижа што децении наназад нашите деца учеа во училници во кои имаше провев од сите страни, во кои прокиснуваат таваните, а подовите се распаѓаа. Но за разлика од вас локалната власт на СДСМ реалиизраше значајни проекти за замена на кровни конструкции, реконструкција на подови, фасади, нови тавани, надворешна столарија и набавка на опрема во сите средни и основни училишта во општината. 

Господа од ВМРО ДПМНЕ има уште многу да зборуваме, но има време, фактите ќе ги соочиме на Локалните избори, а тогаш ќе паднат во вода сите ваши досегашни соопштенија и изјави без концепт и со површна содржина. Граѓаните знаат да препознаат капацитет, волја и политики кои обебедуваат подобра иднина. Заедно со нив ќе оствариме голема победа во Охрид!“ – стои во реакцијата од ОО СДСМ Охрид.