18/04/2024
Охрид

Се е подготвено за осветување на црквата Свети Симеон Столпник во Куратица

Се е подготвено за осветување на црквата Свети Симеон Столпник во Куратица. Темелите беа осветени на 28.02.2013 година. На местото на старата црква (која беше целосно турната) се изгради нова црква… 17.07.2022 во Куратица се осветува уште еден православен храм, Свети Симеон Столпник (почеток на црковната година), Церемонијата започнува во 8:00 часот од (во текот на целиот ден) 10:30 часот започнува ручек во Етно ресторан Дедо Димо. Од 12:00 часот започнува општонародна веселба со музика на курајчкото сретсело.

Од црковниот одбор и месната заедница ги покануваат сите верници кои сакаат да присуствуваат, а за тие што нема да се во можност ќе биде обезбеден пренос во живо на https://youtu.be/Whmp2e3UkiQ од страна на 2SStudio и Етноресторан Дедо Димо.

Симеоновден или денот на Свети Симеон Столпник е голем православен празник, кој се одбележува на 1 септември според грегоријанскиот или на 14 септември според јулијанскиот календар. На овој празник започнува Црковната Нова Година. Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија и Светот имаат и многу заеднички елементи.

Обичаи

На 1 септември според стариот календар (или на 14 септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се сметал за голем земјоделски празник. Тоа најповеќе се манифестирало со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба. Се верува дека откако е собрана летнината е завршен еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба. Преданието сведочи дека на Првиот вселенски собор е одредено црковната година да започнува на 1 септември. И кај Евреите со месецот септември започнувала граѓанската година, тогаш се собирале плодовите и се искажувала благодарност кон Бога. Во историјата на христијанството овој месец е значаен и по тоа што во септември царот Константин извојувал значајна победа над Максенциј, голем неверник и противник на христијанството и оттогаш започнало слободно изразување на христијанската вера. Од Симеоновден започнува есенската сеидба. Се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење. Исто така се верувало дека на овој ден не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“. Сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи (тава, грне и др.) за да нема гламна житото. Орачот на нива носел дисаѓи со жито, а во житото имало прстен (златен или сребрен), потоа китка босилек, китка од разни други цвеќиња, две гросчиња бело и црно грозје, неварено јајце, чешел за коноп и мало лепче (кравајче). Во семето се измешувале и зрна од „брадата“ од минатата година што дотогаш се чувала во амбарот. На воловите им врзувале бела крпа за да е бело житото. По пристигнувањето на нивата орачот најпрвин изорувал една бразда, потоа низ прстенот пропуштал еден грст семе и го фрлал во нивата. Чешелот го ставал во нивата за да е густ бериќетот како чешелот, белото грозје го фрлал во нивата за е бело (чисто) житото, а црното го фрлал надвор од нивата за да нема какол и гламна. Босилекот, китката со разни цвеќиња ги ставал во браздата како дар за нивата, а потоа со втората бразда сето тоа го покривал со земја.