29/03/2024
Охрид

Сѐ е подготвено за почетокот на 58. фестивалско издание на Охридско лето

Честа да го отвори годинашното фестивалско издание припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која во четврток, 12 јули, на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Николае Молдовану …

Критиката ја вбројува Мошуц меѓу петте најдобри сопранистки на денешницата, со репутација на еден од најразновидните и експресивни сопрани на својата генерација.

Во текот на 40-те фестивалски денови пред публиката во Охрид ќе се претстават повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и целиот свет, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации.

Како посебни доживувања се најавуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

Со Полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот институт ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концерот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер, кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија во Скопје. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников.

Од концертите наменети за пошироката публика како особен се издвојува настапот на казахстанскиот камерен оркестар „Академи оф солист“. На „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници…

Од Дирекцијата на фестивалот информираат дека целосно се заокружени активностите околу доуредувањето на сценските простори каде што се одржуваат настаните на фестивалот „Охридско лето“, секоја година од 12 јули до 20 август. Фестивалската дирекција во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија го санираа гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи.