28/03/2024
Македонија

Се намалува старосната граница за пензионирање на рударите

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска ја посети Македонска Каменица по повод Денот на рударите -28 август. На средбата со градоначалничката, Соња Стаменкова и со граѓаните, од кои поголемиот дел се рудари во рудникот САСА, Царовска рече дека со законските измени кои се во владина процедура наскоро ќе се решат долгогодишните барања на рударите за намалување на старосната граница за пензионирање.

„Како што ветивме, МТСП веќе изготви законско решение и очекуваме Владата да го усвои на некоја од следните седници. Со новите измени се дава можност рударите да одат во старосна пензија со навршување на 40 години стаж за мажи, односно 35 години стаж за жени”, рече министерката Царовска, во Македонска Каменица.

Со предлог измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, рударите чиј стаж се смета со зголемено траење, добиваат намалување на возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка, а ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење.