12/11/2024
Охрид

Се збратимија ИПА Охрид и ИПА Дубровник

ИПА збратимување помеѓу Охрид и Дубровник, се случи викендов во Дубровник-Република Хрватска каде, ИПА Охрид и ИПА Дубровник, потпишаа Повелба за збратимување и соработка. Повелбата, со цел ширење на принципите и идеите на Интернационалната полициска асоцијација ИПА, на пригодна свеченост, ја потпишаа претседателот на ИПА регион Охрид, м-р Стефан Димоски и претседателот на ИПА регион Дубровник, Перо Матиќ.  Она што е уште позначајно е дека, ИПА збратимувањето помеѓу Охрид и Дубровник, доаѓа по потпишувањето на меморандум за збратимување помеѓу Органот за внатрешни работи Охрид со истоимената институција во Дубровник, што во далечната 1979 година во Дубровник, бил потпишан од Благоја Речкоски, тогашен секретар на органот за внатрешни работи Охрид. Тогаш, сојузен министер за внатрешни работи на СФРЈ, бил Херлевич, секретар за државна безбедност бил Митја Крајгер а секретар на Секретаријатот за внатрешни работи  на Социјалистичка Република Македонија, бил Мирко Бунески.

Повелбата за збратимување е уште еден показател на големото пријателство и разбирање помеѓу ИПА Охрид и ИПА Дубровник и силна основа за продлабочување на соработката помеѓу полициските службеници од Охрид и Дубровник-членови на ИПА Охрид и ИПА Дубровник, пред се на професионален план и пријателството, согласно темелните основи на ИПА.

Потпишувањето на повелбата беше во рамките на свеченоста по повод прославата на 20 годинишнина од основањето на ИПА Дубровник на која присуствуваа стотина гости-ИПА членови од САД, Канада, Франција, Шпанија, Холандија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Албанија. Тоа беше одлична прилика за билатерални средби на претседателот на ИПА Охрид и членот на Управниот одбор, Александар Трајкоски, со претседателите и членовите на странските ИПА делегации за размена на ИПА искуства, идеи за меѓусебно разбирање и професионална ИПА полициска соработка како и можност за нова промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација и безбеден туристички центар во Македонија и светот.

ИПА збратимувањето помеѓу Охрид и Дубровник, доаѓа по збратимувањата на ИПА Охрид со ИПА Белград и Нови Сад-Србија, со  ИПА Егнатија-Албанија и ИПА Југ од Црна Гора, како чин за поблиско и поинтензивно меѓусебно разбирање, соработка и помош меѓу ИПА регионите на сите нивоа, со цел ширење на ИПА идеите и билатералната меѓународна професионална ИПА полициска соработка.

ИПА активностите на меѓународен и домашен план-во заедницата, значат поголема достапност и отвореноста на полициските службеници до сите граѓани, ги надградуваат професионалните знаења и способности на полициските службеници-членови на ИПА, го јакнат личното пријателство и значат поголема достапност и отвореноста на полициските службеници до сите граѓани.


WebOhrid / 14.10.2024 / ИПА Охрид