05/12/2024
Македонија

Се зголемуваат цените на горивата

Според најновата Одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, од вечерва по полноќ малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 1,64%.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 1,00 денар/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката од 04.01.2021 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 62,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 63,50 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ1), се зголемуваат за 0,50 денар/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката од 04.01.2021 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 53,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 53,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,888 ден/кг во однос на цената утврдена со одлуката од 04.01.2021 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 29,651 ден/кг.