19/04/2024
Македонија

Седница на Советот за реформа во јавната администрација

Советот за реформа во јавната администрација (РЈА) со која претседаваше премиерот Зоран Заев, вчера попладне во Владата на Република Северна Македонија, ја одржа шестата седница.

По усвојувањето на записникот од претходната, петта седница и дискусија по заклучоците од истата, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги информираше членовите на Советот за напредокот во подготвувањето на Законот за измени и дополнувања на Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за измени и дополнувања на Законот за административни службеници и Предлог – законот за висока раководна служба.

Министерот Манчевски информираше и за статусот и следните чекори на процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенции и инспекциски служби од централна власт, како една од клучните реформи во јавната администрација.

Во продолжение на седницата, членовите на Советот имаа дискусија во однос на сите предложени измени и дополнувања на одделните закони, со поддршка за обезбедување на функционална и професионална администрација, како и функционално работење на институциите и органите на државната управа.

Воедно, во рамки на шестата седница, членовите на Советот дискутираа за процесот на подготовка на вториот полугодишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација, како и за зајакнување на системот за следење и имплементација на Стратегијата за РЈА 2018 – 2022 и Акцискиот План.