29/03/2024
Македонија

Шекеринска – Бошковиќ: Црна Гора ја поддржува Македонија да биде 30. земја-членка на НАТО-Алијансата

На покана на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во официјална посета на Република Македонија престојува црногорскиот министер за одбрана, Предраг Бошковиќ.

По средбата со министерот Бошковиќ, министерката Шекеринска изрази задоволство што преку приемот на Црна Гора во НАТО, се потврдува дека политиката на отворени врати за членство во Алијансата продолжува. Шекеринска истакна дека тоа е инспирација и доказ дека кога има посветеност на стратешката цел, таа е достижна.

„Му го честитам на господинот Бошковиќ членството на Црна Гора во НАТО. Република Македонија е задоволна заради својата пријателска земја, но и затоа што знае дека ќе има уште еден дополнителен сојузник во рамките на НАТО алијансата. Република Македонија во изминатиот период фокусот го стави на таа своја стратешка цел, членството во НАТО и потоа членството во Европската Унија. Вклучени сме во сериозни реформи, внатрешни, домашни, со кои што ќе покажеме дека Република Македонија верува и го почитува владеењето на правото, независноста на медиумите, битката против корупција и ги исполнува критериумите кои се сметаат за политички критериуми за членство во НАТО“, рече министерката.

Црногорскиот министер за одбрана Бошковиќ посочи дека двете земји имаат длабоки пријателски, братски врски и дека искуството на Црна Гора за влез во Алијансата може да биде од голема корист за Македонија.

„Црна Гора ќе биде најголем промотор на интересите на Македонија во европските и евроатлантските интеграции, не само поради тоа што Македонија ни е мила и драга земја, туку затоа што сметаме дека тоа е во најдобар интерес на Црна Гора, бидејќи само стабилен и обединет регион може да биде добра основа за економски раст и развој во целиот регион што е потреба за сите граѓани кои што живеат во овој регион“, рече министерот Бошковиќ.

Двајцата министри се согласија дека билатералната одбранбена соработка е на највисоко ниво, што се гледа и преку одличната воено-образовна соработка – школувањето на питомци од Црна Гора на Воената академија во Скопје, обуките за пилоти на хеликоптери во двата центри во Македонија и Црна Гора, експертските разговори. На средбите стана збор и за регионалната соработка, особено во однос на САД-Јандранската повелба, чиј министерски состанок ќе се одржи утре во Охрид.

Министрите Шекеринска и Бошковиќ потоа во касарната „Гоце Делчев“ учествуваа на свечената заклетва и промоцијата на потпоручници на Воената академија. На свеченоста заклетва дадоа 32 новопримени питомци, од кои 23 од Македонија, пет од БиХ, двајца од Црна Гора и двајца од Косово, а во чин потпоручник беа промовирани 22 питомци од Македонија, по двајца од Црна Гора и Косово и еден од БиХ. На свеченоста во почетен офицерски чин беа промовирани и 41 слушател со завршен стручен курс за оспособување и усовршување.