29/03/2024
Македонија

Шекеринска: Годинава 12 милиони денари за набавка на спортска опрема за припадниците на АРМ

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска од касарната во Тетово им честиташе на припадниците на Армијата за вчерашниот историски момент во кој нашата татковина после три декади, конечно и заслужено седнува на главната маса на НАТО – Алијансата.

„Нашата Армија има најголемо богатство во своите луѓе – војниците, подофицери, офицери во Армијата заслужуваат поголеми инвестиции. Како резултат на иницијативата на Генералштабот, оваа година поголем акцент ќе ставиме на физичките подготовки и физичката способност на припадниците на АРМ. Сакам да ве информирам дека минатата недела, донесовме Правилник со кој што Армијата превзема обврска, за да ја поттикне поголемата физичка подготвеност на припадниците на Армијата, да обезбеди спортска опрема која досега не е обезбедувана за припадниците и тоа во рок од следните 3 години“, рече Шекеринска.

Министерката информираше дека годинава повеќе од 12 милиони денари се насочени кон набавка на спортска опрема за припадниците на АРМ, односно дека ќе се набави една третина од спортската опрема која ќе ги опфати буквално сите припадници на Армијата.

„Нашата војска заслужува повеќе средства, нашата војска заслужува повеќе внимание. Со ова ќе кажеме дека од војниците очекуваме и повисоки стандарди, но и дека сме подготвени повеќе да вложуваме во нив“, заклучи министерката.

Шекеринска им честиташе на сите припадници на Армијата за високите пофалби кои што вчера ги даде генералниот секретар на НАТО Јенс Столтеберг кој спомена дека нашата Армија е еден од големите аргументи за нашето членство во НАТО и дека учеството на припадниците на Армијата во досегашните операции и мисии на НАТО покажа дека Македонија го заслужува своето место во Алијансата.

Министерката потенцираше дека грижата за АРМ последните две години се покажува на дело – две години по ред растат платите на припадниците на АРМ, решен е проблемот со чизмите и униформите, а најави и дека оваа година Министерството ќе се посвети на почетокот на модернизацијата во различни делови на Армијата.

Министерката за одбрана, заедно со заменикот-министер Беким Максути и заменикот – началник на АРМ, генерал – мајор Азим Нуредин во Тетово се сретнаа со командантот и командата на касарната „Кузман Јосифовски – Питу“.