19/04/2024
Македонија

Шекеринска: Македонија и Франција и во минатото и сега се на иста страна – правдата и слободата

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и државната секретарка во Вооружените сили на Франција, министерката Женевјев Дариесек, денеска ги посетија Француските воени гробишта во Битола, каде положија венци во чест на војниците кои овде ги загубија животите во Првата светска војна. Посетата на гробиштата е дел од заедничкото одбележување на стогодишнината од крајот на Првата светска војна во чии рамки беше отворен и новиот Меморијален комплекс посветен на француските војници.

Говорејќи пред присутните, министерката Шекеринска рече дека овој настан од заедничката историја на двете држави заслужува почит и дека е потсетник за заедничка должност да се учи од минатото. Ние како претставници на нашите влади и министерства за одбрана, имаме најголема одговорност да ги гарантираме и афирмираме вредностите на мирот, заедништвото и соживотот, нагласи Шекеринска.

Министерката рече дека Првата светска војна е ненадминлива историска тема и во Македонија и во Франција и дека заедничкото одбележување е потврда дека двете држави и тогаш и сега се на иста страна – правдата и слободата. Фактот што денес Република Македонија се наоѓа само на чекор од НАТО е современ доказ дека ние, на овие простори сме ја научиле добро лекцијата. Токму затоа француската поддршка ни е важна и сега за исполнување на нашата стратегиска цел членство во НАТО кое е најдобра гаранција за стабилност и мир, додаде министерката.

Француските гробишта во Битола постојат уште од крајот на Првата светска војна во знак на почит кон војниците кои загинале на македонскиот фронт. Управата за заштита на културното наследство го запиша овој настан во агендата на Европската година на наследство, истакнувајќи дека станува збор за заеднички историски настани што се случиле на европскиот континент.

Шекеринска вечерва на церемонија во Француската резиденција ќе биде одликувана со орден “Командант на Националниот ред за заслуги на Франција”. Високото одликување во име на претседателот на Република Франција, ќе и биде врачено од министерката Женевјев Дариесек. Орденот “Командант на Националниот ред за заслуги на Франција” се доделува за истакнати граѓански заслуги, а е воспоставен во 1963 година од генералот Де Гол. Шекеринска го добива ова признание поради нејзиниот особен придонес кон развојот на односите меѓу Македонија и Франција, како и поради нејзината посветеност.