Шекеринска: По 25 години армиските специјалци добија нова комплетна алпинистичка опрема

Промоцијата се одржа на полигонот за воена алпинистика во близина на Демир Капија, при што во рамки на презентацијата беше изведена и воена вежба за спасување на загрозени граѓани на планински карпест врв. На вежбата беше прикажана новата опрема, а беа вклучени и воени хеликоптери за воздушна евакуација и транспорт.
“Алпинистичката опрема заедно со новата спортска опрема која ја комплетиравме, како и гортекс оделата, се последното каменче во мозаикот кој ја отсликува модернизацијата на Армијата во делот на личната опрема на нашите војници. Со задоволство можам да кажам дека имаме Армија од глава до петици облечена во ново, со што значително се менува сликата за Армијата на Република Северна Македонија која во минатото беше запоставувана”, истакна министерката Шекеринска.

Таа подвлече дека секој еден припадник на Армијата го заслужува најдоброто и дека со набавената лична опрема и со борбената опрема чија набавка е во тек, денес веќе секој војник може гордо да застане под државното знаме на Северна Македонија и под знамето на НАТО.
“Пред неколку дена се изврши смена на првата и втората наша ротација во НАТО мисијата КФОР во Косово.
Сакам од овде каде што стоиме во подножјето на овие високи врвови, да им честитам на нашите припадници за добиените медали за нивното учество во мисијата во Косово но и во Авганистан од каде ги очекуваме да се вратат. Но сакам и да порачам дека врвовите постојат за да се освојат и како што видовме пред малку како нашите војници успешно ја совладаа стрмната карпа, се потсетивме на најважната лекција дека ниту еден врв не е недостижен ако се вложи труд и ако се има мотив и средства и опрема.
Армијата на Република Северна Македонија успешно се искачува кон својот врв каде што и е и местото на Армија членка на НАТО”, рече Шекеринска.

На промоцијата на алпинистичката опрема присуствуваше и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски кој заедно со министерката ја проследи демонстрацијата на користење на опремата.
Набавката е извршена од буџетот на одбраната и е во износ од 15 милиони денари. Арсеналот алпинистичка опрема се состои од таканаречено витло за спасување, алпинистички јажиња за извлекување и за заштита при искачување, алпинистички појаси, алпинистички цокули и патики, шлемови, ламби за на шлемови, пластични и метални носилки за транспорт, бургии за бушење, канџи за вкопување во карпа и сл. Опремата е од современо европско производство.