29/03/2024
Македонија

Шекеринска по повод Националниот ден на Власите: Празнувањето на овој ден е уште еден аргумент зошто на Македонија ѝ е местото во ЕУ

Владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денес присуствуваше на свеченоста по повод прославата на 23 Мај – Националниот ден на Власите. Во делегацијата учествуваа и заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, како и заменик-министерот за економија Кире Наумов.

Обраќајќи се на присутните гости на свеченоста, Шекеринска на влашки јазик им го честиташепразникот за кој рече дека е симбол на соживотот  во Република Македонија. 

Празнувајќи го овој ден се потсетуваме на важноста на секој народ кој е дел на Република Македонија како заедничка држава на сите нас и како наша заедничка татковина, рече министерката. Тоа е и пригода, додаде таа, да се потсетиме дека Македонија е пример не само на Балканот туку и пошироко за тоа како можат да се негуваат и да се унапредуваат различностите и тоа е можеби најголемиот аргумент зошто Македонија треба да биде дел од европското ѕвездено небо.

Шекеринска рече дека влашката заедница има посебно место во РМ бидејќи даде значаен историски, културен и општествен придонес во изградбата на нашата заедничка држава.

​Организаторите на свеченоста и се заблагодарија на владината делегација на присуството потенцирајќи дека граѓаните на Македонија се едно без оглед на нивната етничка припадност и дека сите заедно сакаат да бидат и дел од ѕвезденото небо кое го симболизира заедништвото во Европската Унија.

https://www.youtube.com/watch?v=vj2TIlroBLI